Земјите од Западен Балкан мора да станат дел од Европската Унија. Тоа е основната цел на Процесот Брдо-Бриони. Мирот и стабилноста во Европа не можат да бидат реалност без земјите од Западен Балкан, а билатералните прашања не треба да влијаат врз процесот на пристапување – порача денеска од Охрид претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар.
На заедничката прес-конференција со домаќинката на состанокот на Процесот Брдо-Бриони, македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, Пирц-Мусар изрази уверување дека не може да има силна Европска Унија без нејзино проширување.
– За жал, проширувањето на Европската Унија сè уште се одвива пребавно. Со право очекуваме земјите кандидати да спроведуваат реформи, да го почитуваат владеењето на правото и европските вредности. Меѓутоа, и Европската Унија мора да ја исполни својата обврска. Мора да им овозможиме на земјите да ги исполнат критериумите и да постигнат вистински напредок. Во исто време, навистина се надевам дека овој пат ќе надвладее разумот и дека можностите за проширување ќе се искористат и процесот ќе се спроведе без пречки, ниту од страна на земјите кандидати ниту од земјите членки на ЕУ – рече Пирц-Мусар.
Според неа, мирот и стабилноста во Европа не можат да бидат реалност без земјите од Западен Балкан.
– Нека биде јасно едно нешто: мирот и стабилноста во Европа не можат да бидат реалност без земјите од Западен Балкан. Се надевам дека ова им е јасно на сите. Навистина се надевам дека политичарите во ЕУ ќе станат посериозни и ќе направат повеќе за процесот на проширување да се забрза, бидејќи сега се одвива пребавно. Јас лично би сакала билатералните прашања да не влијаат врз процесот на пристапување. Меѓутоа, досега не гледам како тоа би можело да се промени. Европската Унија ќе мора да размисли како да ги обликува пристапните процеси – додаде Пирц-Мусар.
Таа го повтори и ставот на Словенија за воведување гласање со квалификувано мнозинство во одредени фази од процесот на проширување, со што би се намалила можноста една земја-членка да го блокира целиот процес со вето.
Пирц-Мусар нагласи дека Словенија е меѓу 15-те земји-членки на ЕУ што го поддржуваат овој предлог, иако, како што рече, новата словенечка влада е нешто поскептична по ова прашање од претходната.
– Мојот колега од Хрватска има поинакво мислење, но Словенија е една од 15-те земји во ЕУ што се залагаат за квалификувано мнозинство. Иако мојата нова влада е малку поскептична по ова прашање, како што беше и претходната, сепак, ако нешто произлезе од денешниот процес, тоа е дека дијалогот може да биде мирен, аргументиран и без навреди. Но, за да биде така, потребно е вистинските луѓе да седнат на маса. На крајот, сè зависи од самите луѓе што преговараат. Навистина се надевам дека Хрватска и Црна Гора ќе ги решат меѓусебните прашања. Исто така, искрено се надевам дека Македонија ќе го реши спорот со Бугарија. Македонија е една од земјите за кои чувствувам најголема болка, бидејќи најдолго чека. Го реши проблемот со Грција, повторно се врати на преговарачката маса, но се соочи со нов предизвик. Затоа се надевам дека еден ден ова ќе заврши. Тоа е мојата желба, но сите мора да работиме на тоа – подвлече Пирц-Мусар.
Словенечката претседателка посочи дека во нејзината земја често се слушаат прашањата зошто треба да се примаат нови членки во ЕУ и дали тоа ќе значи дополнителни финансиски обврски за постојните членки.
– Во Словенија честопати слушаме: „Зошто сакате нови земји кандидати во ЕУ? Ќе мораме да плаќаме за нив, ќе мора да инвестираме многу пари во нив“. Знаете кој е мојот одговор? Запомнете дека пред 20 години, кога Словенија се приклучи кон Европската Унија, постарите членки плаќаа за нас. Тие беа нето-плаќачи во буџетот на ЕУ, а ние бевме корисници на европските фондови. Тоа ќе се промени во иднина. Како претседателка на Словенија, свесна сум дека и ние ќе станеме нето-плаќач и ќе плаќаме повеќе за земјите што чекаат да станат членки и да го достигнат нашето ниво. И така треба да биде – рече Пирц-Мусар.
Таа оцени дека Процесот Брдо-Бриони носи и конкретни резултати, а како пример ја посочи соработката меѓу државните служби за вработување на младите.
Според неа, младите не смеат да бидат принудени да ја бараат својата иднина во други земји само затоа што државите не можат да им обезбедат доволно можности дома.
– Младите луѓе не смеат да бидат принудени да ја бараат својата иднина на друго место едноставно затоа што ние не можеме да им обезбедиме иднина дома. Дури и Словенија не е исклучок од ова. И од Словенија заминуваат луѓе, особено млади, можеби не во толку голем број, но и тоа се случува. Затоа денеска предложив следната година да организираме посебна средба на директорите на службите за вработување од сите земји учеснички. Нивната задача би била да подготват конкретни предлози и заеднички акциски план за подобрување на можностите за вработување на младите и намалување на одливот на мозоци – рече словенечката претседателка.
Пирц-Мусар истакна и дека добрите односи меѓу земјите не смеат да се земаат здраво за готово.
– Тие се градат врз основа на почит, доверба и подготвеност да се решат дури и најтешките прашања што останале нерешени. Во регионот ни е потребна поголема соработка, а помалку поделби. Пред сè, не смееме да дозволиме нерешените прашања од минатото да ја одредуваат иднината на новите генерации – истакна Пирц-Мусар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата