ЧУПИЌ НЕ ГО КОМЕНТИРАШЕ СПОРОТ СО БУГАРИЈА - ПОБАРА ПОМОШ ОД СОФИЈА: Ако е членка на ЕУ...

Vecer | 27.11.2026

ЧУПИЌ НЕ ГО КОМЕНТИРАШЕ СПОРОТ СО БУГАРИЈА - ПОБАРА ПОМОШ ОД СОФИЈА: Ако е членка на ЕУ...
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, се воздржа од коментар за билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, но порача дека и Софија треба да помогне во решавањето на спорот, бидејќи е членка на Европската Унија.

Чупиќ ова го изјави во Охрид, по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, во рамките на самитот на Процесот Брдо-Бриони.

– Процесот Брдо-Бриони е пример како државите што веќе се членки на Европската Унија можат да имаат иницијативи и да ни ги понудат своите искуства нам, кои сме на тој пат. Не сум целосно запознаен со ситуацијата, нешто претседателката Гордана Сиљановска Давкова коментираше, но би се воздржал од коментар за односите меѓу Македонија и Бугарија. Мислам дека можеби и на Бугарија ѝ е местото тука, ако веќе е членка на ЕУ, и таа да помогне. Сите сме во ист регион – изјави Чупиќ.

Тој оцени дека средбите со регионалните лидери во рамките на Процесот Брдо-Бриони придонеле за воспоставување нов квалитет на комуникација и посочи дека ова е негов прв меѓународен самит.

Чупиќ се сретна и со Сиљановска Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и Чупиќ разговарале за билатералните односи и можностите за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Србија.

По средбата, Сиљановска Давкова истакна дека учеството на Чупиќ на самитот во Охрид е особено важно за решавањето на отворените регионални прашања преку политички дијалог заснован на меѓусебно почитување и разбирање.

Таа изрази уверување дека традиционалното пријателство меѓу двата народа ќе придонесе за уште посилна соработка во образованието, науката, економијата, културата, туризмот и дигитализацијата.

Сиљановска Давкова соопшти и дека Чупиќ ја поддржал нејзината идеја за поголемо вклучување на младите во средбите на регионалните лидери. На почетокот на разговорот, таа му честитала за победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија на 25 октомври, како и за неговиот избор за претседател на Народното собрание на Србија.

Балканот ги даде Делчев, Његош, Андриќ и Крлежа

На самитот во Охрид, Чупиќ зборуваше и за културното, научното и историското наследство на регионот, посочувајќи дека Балканот има многу што да им понуди едни на други, на Европа и на светот.

– Овој регион ги даде Делчев, Његош, Прешерн, Андриќ, Селимовиќ, Крлежа и Кадаре, а балканската почва ги роди Тесла, Пупин и Руѓер Бошковиќ. Имаме што да си понудиме едни на други, на Европа и на светот – порача Чупиќ.

Тој ја нагласи и потребата младите да бидат вклучени во политичките процеси, оценувајќи дека без нивно учество не може да се очекува тие да останат и да ја градат својата иднина во регионот.

Во однос на надворешната политика на Србија, Чупиќ рече дека таа ќе биде урамнотежена, предвидлива и доследна. Истовремено, нагласи дека неговите актуелни овластувања не му дозволуваат да ја формулира и спроведува државната политика, додавајќи дека очекува формирање нова влада во разумен рок.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk