Денес стоиме пред сосема нови предизвици, во сосема нова Европска Унија, која минува низ тешко време и нема одговори на предизвиците што се пред неа. И не само што ги нема, туку мислам дека решенијата што се нудат се лоши. ЕУ, во која навистина би сакал да ги видам сите држави присутни овде и во која ја гледам Хрватска, не е никаков претенциозен геополитички сојуз, бидејќи тоа не може да биде, за тоа нема потенцијал, ниту некаков воен сојуз. Тоа е трговска, царинска и просторна унија со бројни ограничувања, која може одлично да функционира како што видовме во годините зад нас, но за жал не и во последните години, рече попладнево претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, на заедничката прес-конференција со претседателките на Македонија и на Словенија, Гордана Сиљановска-Давкова и Наташа Пирц-Мусар, во рамките на Процесот Брдо-Бриони во Охрид.
Како што оцени Милановиќ, Европската Унија не може спонтано и без надзор да се претвора во „дисфункционално царство на доминација на некои“. Во тоа, напомена, Хрватска, што се однесува лично до него, нема да учествува и нема да се согласи со тоа.
– Не сум сигурен дека мојот став го делат сите во Хрватска, но, еве, го имам. Затоа и следната година со задоволство ќе го споделам друштвото и времето со овие луѓе. Би требало тоа да биде истиот состав за една година. И нека биде вака како што беше денеска во Охрид – истакна хрватскиот претседател.
Тој оцени дека денешниот Процес Брдо-Бриони досега беше најконструктивниот и најпријатниот состанок.
– Можеби зборот конструктивен е малку претеран, бидејќи не донесовме никакви одлуки, но секако атмосферата, уважувањето на соговорникот, разумниот пристап кон некои прашања што можеби нè делат или немаме ист став за нив, тоа е голем напредок. И јас денеска, оттука од Охрид, пред сè го носам тој впечаток. Тоа е најважно за мене. Луѓето со кои денес овде разговарав се луѓе што во поголем дел ги познавам, а некои ги запознав денеска. И мислам дека пред нас би можеле да бидат пријатни денови, иако состаноците се само еднаш годишно – потенцира Милановиќ.
Според него, овој формат беше организиран пред 15, 16 години за помош на Хрватска, Словенија и останатите држави од овој простор на патот кон ЕУ.
– Во меѓувреме, сето тоа толку драматично се промени, така што денеска стоиме пред сосема нови предизвици, во сосема нова Европска Унија – напомена Милановиќ.
Прес-конференцијата се одржа по работниот состанок, на кој, покрај домаќинот на Процесот, претседателката Сиљановска-Давкова и коорганизаторите Милановиќ и Пирц-Мусар, учествуваа и претседателите на Црна Гора, Албанија и Косово – Јаков Милатовиќ, Бајрам Бегај и Јустина Широка-Пула, в.д. претседателот на Србија – Александар Чупиќ, како и претседавачката и членовите на Претседателството на БиХ – Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ.
Во фокусот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид беа јакнењето на регионалната соработка, забрзувањето на евроинтеграциите на Западен Балкан и интензивирањето на политичкиот дијалог. Потпишана беше и заедничка декларација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата