Речиси стогодишниот школски едреник „Јадран“ во последните месеци стана едно од најчувствителните политички и дипломатски прашања во регионот, претворајќи се во клучен услов на официјален Загреб за да даде согласност Црна Гора да ги затвори пристапните преговори со Европската Унија до 2028 година, пишува хрватски „Индекс“. Бродот, чија денешна вредност се проценува меѓу 10 и 20 милиони евра, додека изградбата на нов едреник со иста зафатнина би чинела до 25 милиони евра, веќе со години е закотвен на градската рива Пине во Тиват во Бока Которска, а повремено се одржува во пристаништето Бар. Денес тој има двојна улога како туристичка атракција и школски брод на црногорската воена морнарица, на кој доаѓаат ученички екскурзии и на кој црногорските политичари пречекуваат високи странски гости, но во април 2019 година се најде и во центарот на тежок криминален скандал кога црногорската воена полиција и специјалното обвинителство во неговиот труп открија меѓу 50 и 60 килограми кокаин вреден неколку милиони евра, наменет за шверц кон Турција со помош на припадници на војската.

Како што појаснува музејскиот советник од Поморскиот музеј во Дубровник, Ѓиво Башиќ, баркантинот „Јадран“ е изграден според моделот на попречна шкуна со три челични јарболи и три челични палуби (маневарска, главна и меѓупалуба), со прва класа на „Германски Лојд“ за долга пловидба, а кога ќе ги развие сите дванаесет бели едра со вкупна површина од 800 квадратни метри и 11 километри јажиња со рачен погон, претставува вистинска реткост на море. Нарачан е во септември 1930 година во германското бродоградилиште „Х. Ц. Штилкен Зон“ во Хамбург по цена од 622.743 германски марки (што одговара на денешни 3,4 милиони евра), при што над 80 отсто од средствата биле исплатени од државниот буџет и на товар на германските воени репарации од Првата светска војна, околу 13 отсто биле собрани преку прилози на читателите на сплитскиот пројугословенски месечник „Јадранска стража“, а дел приложил и југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ. Бродот имал две кујни, пекара и амбуланта, а од вооружување два салутни топа од 47 милиметри, два постари митралеза од 7,9 милиметри и 56 пушки, со редовен екипаж од 12 офицери, 36 подофицери и 108 морнари — односно при школските пловења 12 офицери, 20 питомци на Поморската воена академија, 50 питомци на подофицерските училишта, 30 подофицери и 32 морнари.
По впловувањето во пристаништето Тиват на 16 јули 1933 година, „Јадран“ минал бројни меѓународни рути, вклучувајќи ја пловидбата до Северна Америка во 1938 година долга 11.262 милји и седум крстарења по Атлантикот, Средоземното и Црното Море пред Втората светска војна. По 1941 година го презела италијанската окупаторска војска, го преименувала во „Марко Поло“ и го користела за обука на поморци, а по капитулацијата на Италија во 1943 година го запленила германската морнарица и го користела како мост преку канал во Венеција. По ослободувањето во 1945 година бродот бил вратен во Југославија — во декември 1946 година помошниот воен брод „Спасилац“ го довлекол од Венеција во Шибеник без мотор, едра и дел од опремата, по што до 1949 година бил поправан и опремуван во Тиват и Сплит. Сè до 1990 година служел како школски брод на воената морнарица, редовно пловејќи од Улцин до Копер или од Дивуље до Пиран, со подготовки за атлантски регати и освоената „Плава врпца на Вјесник“ во 1976 година по препловени повеќе од 5.000 наутички милји.
Спорот за сопственоста започнал на почетокот на 1990-тите години, кога едреникот се затекнал на ремонт во Ремонтниот завод „Сава Ковачевиќ“ во Тиват, а тогашна СР Југославија, а подоцна и независна Црна Гора, каде што „Јадран“ под црногорско знаме учествуваше и на „битката на едрениците“ кај Трафалгар во 2005 година, одбила да го врати во Хрватска со образложение дека не подлежи на сукцесија на имотот на поранешната СФРЈ. Загреб денес инсистира на критериумот за сукцесија на подвижниот воен имот на поранешната ЈНА според кој бродот ѝ припаѓа на државата-наследничка на чија територија имал постојано базирање и флотен уписник пред распадот на државата, а според податоците од текстот, „Јадран“ од 1933 до 1991 година бил постојано базиран и заведен во хрватските пристаништа Сплит, Дивуље и Пула, оставајќи отворено прашањето дали бродот ќе заплови кон Хрватска пред европската иднина на Црна Гора.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата