Клучен датум за иднината на процесот на проширување на Европската Унија е 30 септември, кога Европската комисија треба да излезе со извештај за новиот пристап кон проширувањето, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Во интервју за Канал 5 телевизија, Сиљановска-Давкова рече дека на 30 септември Европската комисија првпат ќе го претстави моделот според кој ќе се одвива натамошниот процес на проширување, а потоа во октомври за истите прашања ќе расправа и Европскиот совет.
– Тоа се моментите што нам ни се важни за да ги процесуираме чекорите што сепак се можни и се договараат – истакна претседателката.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, таа изјави дека по неодамнешните контакти со бугарскиот претседател Румен Радев гледа простор за интензивирање на дијалогот и за барање заеднички решенија.
– Заклучокот е дека треба многу напор, многу добра волја за да чекориме некако. Треба нешто заедно да инвестираме за да дојдеме до некакво решение – истакна претседателката Сиљановска -Давкова.
Таа нагласи дека Бугарија по прашањата кон надвор настапува усогласено, без оглед на политичките разлики.
– Ние сме тука навистина еден интересен феномен, за разлика од Бугарија која секаде настапува едногласно, дури и кога не е во право – посочи Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, претседателката оцени дека уставните измени сами по себе не претставуваат гаранција дека нема да се појават нови пречки на патот кон Европската Унија.
Според неа, изворот на потенцијалните идни блокади е Вториот протокол меѓу Скопје и Софија, чии одредби се инкорпорирани во преговарачката рамка и заклучоците на ЕУ.
– Патот сигурно ќе се отвори за момент, меѓутоа потоа на патот ќе се појави повторно нова препрека. Треба да го анулирате изворот на препреките, а тоа е Протоколот 2 – потенцира Сиљановска-Давкова.
Таа повтори дека Македонија се залага за решение кое би ја спречило билатерализацијата на евроинтегративниот процес и оцени дека Европската Унија располага со механизми преку кои може да спречи блокади засновани на идентитетски прашања.
Таа истакна дека земјава останува посветена на реформската агенда и оцени дека е подготвена да го следи темпото на државите кои најбрзо напредуваат кон членство во ЕУ.
Една изборна единица е добро решение, смета претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Иако како решение го има во две до три држави, сепак претседателката смета дека добро е тоа да го има и кај нас.
Во однос на дијаспората, претседателката нагласува дека според Уставот, избирачкото право, без разлика дали е активно или пасивно, се врзува со државјанството и смета дека во Изборниот законик имаме чудно решение, кое ја дискриминира дијаспората.
– Најголем број држави на светот ѝ дозволуваат на дијаспората да гласа. На прсти може да се избројат, можеби две, што не дозволуваат дијаспората да гласа, а има една или две држави во кои, по истек на 10 години, не може дијаспората веќе да гласа. Но она што е чудно кај нас е што на локални избори гласа дијаспората, тоа е непознат феномен – вели Сиљановска-Давкова.
Невозможно е да се испраќаат луѓе во дипломатско-конзуларните претставништа, вели Сиљановска-Давкова, и затоа најчесто се посегнува кон електронско гласање или гласање по пошта.
Според неа, добро е да има консензус за Изборниот законик. Смета дека треба да се постигне консензус за платеното политичко рекламирање.
Во однос на техничката влада,, која се укина со закон, чиј указ го потпиша, Сиљановска-Давкова рече дека решението што сме го имале било партиско.
– Јас сум за техничка влада каква што постои во Бугарија, каква што постои во Грција, во Италија. Нивната цел е да обезбедат фер и демократски избори, без никакво партиско влијание. Она што го имавме ние е нешто сосема друго – рече Сиљановска- Давкова.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата