logo
logo
logo

Водата во Гостивар НЕ Е ЗА НИКАКВА УПОТРЕБА

Vecer | 19.07.2026

Водата во Гостивар НЕ Е ЗА НИКАКВА УПОТРЕБА

Поради времената забрана за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар, на граѓаните им се препорачува да ги почитуваат мерките до добивање на официјално известување дека водата повторно е безбедна за употреба.

До официјално укинување на забраната, водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење, ниту по превривање, освен ако надлежните институции не дадат поинаква препорака, соопштија од Институтот за јавно здравје.

- Со навремено почитување на препораките значително се намалува ризикот од појава и ширење на заболувања што се пренесуваат преку вода. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на доенчињата, малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со хронични заболувања, кои имаат поголем ризик од потешки последици при појава на цревни инфекции – нагласија од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања.

Кога станува збор за вода за пиење и подготовка на храна, препораките се да не се користи вода од градскиот водовод.

- Ако имате пристап до флаширана вода, набавете ја за овој период. Потребни се најмалку четири литри вода по лице на ден. За пиење користете фабрички пакувана вода – флаширана вода. Не користете вода од водоводот за подготовка на храна, миење овошје и зеленчук што се консумираат свежи, подготовка на мраз, подготовка на сокови, кафе, чај и други пијалаци. Не користете вода од водоводот за подготовка на храна за доенчиња – се додава во соопштението.

Се советува рацете да се мијат често со сапун и безбедна вода – флаширана, особено пред подготовка и консумирање храна, по користење на тоалет, по менување пелени, по контакт со заболено лице. Доколку нема безбедна вода, добра опција е да се користи средство за дезинфекција на база на алкохол кога рацете не се видливо извалкани.

- За миење заби користете исклучиво безбедна вода – флаширана. За туширање и капење да се користи безбедна вода – флаширана или превириена вода, но, да се внимава водата да не се голта. Доколку нема безбедна вода, користете влажни марамчиња или крпи за еднократна употреба за периодот додека водата е забранета за употреба – се додава во соопштението.

При подготовка на храна, од Институтот советуваат таа добро термички да се обработува.

- Избегнувајте подготовка на храна што не се готви доколку не може да се користи безбедна вода. Користете еднократни чинии и прибор за јадење за да избегнете миење – пишува во соопштението.

Има препораки и до ресторани, кафулиња и угостителски објекти. Според Институтот – да не користат вода од водоводот за подготовка на пијалаци, да не користат вода за миење овошје и зеленчук, да користат само безбедна вода – флаширана за подготовка на храна, а машините за мраз да не се користат.

Во градинките препораките се децата да пијат исклучиво безбедна вода – флаширана, да не се користат чешмите за полнење шишиња, храната да се подготвува само со безбедна – флаширана вода.

- Веднаш обратете се кај матичен лекар или во најблиската здравствена установа доколку се појават дијареја, повраќање, гадење, стомачни грчеви, покачена температура, слабост, знаци на дехидратација – силна жед, сува уста, намалено мокрење, омалаксаност. Особено внимание е потребно кај доенчиња и мали деца, бремени жени, постари лица, лица со хронични заболувања и ослабен имунитет – апелираат од Институтот.

Од Институтот за јавно здравје дадоа препораки и што да се направи кога ќе се укине забраната.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk