logo
logo
logo

Регистрирана е веќе ФИРМАТА ЗА ГАСИФИКАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

Vecer | 01.07.2026

Регистрирана е веќе ФИРМАТА ЗА ГАСИФИКАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

Казанџи Холдинг од минатата недела и официјално е присутен во Македонија со регистрацијата на „Акса Енерџи Македонија“, која како што е најавено, ќе треба да ја гасифицира земјата и да ја изгради секундарната мрежа во населените места.

Официјализирањето на новата компанија од страна на турскиот инвеститор во Македонија најверојатно е знак дека работите ќе се помрднат од мртва точка по години стагнација да се изгради гасната мрежа, иако претходно се потрошија стотици милиони евра за магистралните гасоводи низ земјата и со години стојат како неупотребливи.

Македонскиот енергетски сектор веќе повеќе од една деценија се наоѓа во процес на постепена трансформација кон поголема употреба на природен гас, при што гасификацијата се промовира како клучен елемент за намалување на загадувањето и зголемување на енергетската ефикасност. И покрај тоа, реалната изградба на гасоводната и дистрибутивната мрежа се одвива со бавна динамика, со бројни доцнења, институционални промени и недоволна искористеност на постојната инфраструктура.

Во последните години во фокусот на јавноста повторно се најде проектот за гасификација преку потенцијално јавно-приватно партнерство со турскиот енергетски гигант „АКСА“, кој е дел од групацијата „Казанџи Холдинг“. Компанијата е активна на меѓународно ниво во производство и дистрибуција на енергија и управува со капацитети во повеќе држави.

Според најавените модели, соработката со АКСА би опфатила развој на дистрибутивна гасна мрежа, топлификациски системи и изградба на когенеративни постројки (гасни централи), со вкупна вредност која во јавните најави се проценува на над една милијарда евра. Проектот е замислен како долгорочна инвестиција која би опфатила голем дел од урбаните и индустриските центри во државата, со можност за проширување и во рурални средини.

Идејата за гасификација во Македонија постои од почетокот на 2010-тите години, а дел од магистралните гасоводи се започнати во изминатата деценија. Сепак, ревизии и анализи на институциите укажуваат дека реализацијата се одвива побавно од планираното, при што дел од изградената инфраструктура сè уште не е целосно ставена во функција, а дистрибутивната мрежа за домаќинствата останува ограничена.

Владата пред една година го потпиша меморандумот со „Казанџи Груп“ со кој треба да се постават основите за реализација на значајниот проект за изградба на гасни централи во Македонија и на изградба на гасната дистрибутивна мрежа.Тогаш претседавачот на турската компанија „Казанџи Холдинг АС“, Шабан Џемаил, само кратко на новинарско прашање одговори дека јавноста ќе биде запознаена со деталите кога ќе биде официјализиран договорот. По потпишувањето на меморандумот, се очекуваше следна фаза да биде распишување на повик за овој стратешки проект на кој ќе се пријави „Акса Енерџи“, објави порталот Фактор.

- Со оваа инвестиција се отвораат и нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се отвораат нови работни места, и се зајакнува енергетската отпорност на државата. Истовремено, со развојот на домашни производствени капацитети ја намалуваме зависноста од увоз и влијанието на надворешни ценовни и политички ризици, рече тогаш Мицкоски на заедничката прес-конференција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk