Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска од Крушево, градот-симбол на Илинден и македонската државност, упати порака по повод 2 Август – Илинден, нагласувајќи дека овој датум претставува симбол на вековната борба на македонскиот народ за слобода, самобитност и сопствена држава.
Тој истакна дека идеалите на илинденците денес се продолжуваат преку развојот и изградбата на современа Македонија, посочувајќи дека државата реализира најголем инвестициски циклус досега, со изградба на автопати, железничка инфраструктура и бројни проекти низ сите општини.
-Втори август Илинден, денот на Илинденското востание и денот на Антифашистичкото собрание за народно ослободување на Македонија. Втори август - Илинден е доказ за борбата на македонскиот народ, за своја самобитност и за своја државност, идеал кој што почна да се гради некаде во 19. век преку преродбата, понатака двете македонски востанија, Кресненското и Разловечкото, ја имаше својата круна на Илинденското востание во 1903 година, понатака преку Антифашистичката борба во Втората светска војна и АСНОМ на 2.август 1944 година, и својата кулминација ја доживеа на 8. Септември 1991 година кога Македонија прогласи независност, подвлече вицепремиерот Николоски и додаде дека овој политичко-правен континуитет е јасен доказ за борбата на македонскиот народ за своја држава и за своја самобитност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата