logo
logo
logo

ВРАТАТА БЕШЕ ЗАГЛАВЕНА СО ТРУПОВИ - Потресно сведоштво од „Пулс“

Vecer | 13.10.2026

ВРАТАТА БЕШЕ ЗАГЛАВЕНА СО ТРУПОВИ - Потресно сведоштво од „Пулс“

Влезната врата на дискотеката „Пулс“ била целосно блокирана од заглавени лица до височина од главата на пожарникарот, а за извлекување на едно лице во дел од случаите биле потребни најмалку две или три лица, сведочеше денеска пред судот пожарникарот Благојчо Паунов, кој бил дежурен во Територијалната противпожарна единица Кочани ноќта на трагичниот пожар.

Паунов, на судењето на 13 полициски службеници, обвинети за непостапување согласно акцискиот план во дискотеката „Пулс“, истакна дека  дојавата за пожарот била примена во 2:35 часот од дежурниот на врски, по што првото противпожарно возило пристигнало пред објектот за околу пет минути.

Според неговото сведочење, уште при пристигнувањето просторот околу дискотеката бил исполнет со повредени и паднати лица, а имало присутни цивили и полициски службеници, со тоа што возилото можеле да го доближат само каде што имало луѓе.

Кога пожарникарите се упатиле кон вратата, сите присутни ги насочувале токму таму поради големиот број заглавени лица.

- Влезната врата беше пренатрупана од заглавени лица до висина на мојата глава. Во тој момент излегуваше само малку чад од вратата, а немаше видлив пламен - појасни Паунов.

Тој објасни дека заедно со колегата веднаш започнале да извлекуваат луѓе, но уште при првиот обид сфатиле дека процесот ќе биде многу тежок и бавен.

- Многу тешко беше едно лице само да извлече друг човек. Во таква ситуација тежината е огромна и најчесто беа потребни минимум двајца, а понекогаш и тројца луѓе за да се извлече едно лице - сведочеше пожарникарот.

Тој посочи дека побарал помош од полициските службеници и од присутните цивили. Посебно го повикал полицискиот службеник Драган Петрушев, познат како Казак, да собере што повеќе полицајци кои би се вклучиле во спасувањето. Помош побарале и од обезбедувањето на објектот, чии припадници, според него, веќе биле исцрпени од претходните обиди да извлекуваат луѓе.

По формирањето на мешани тимови составени од пожарникари, полицајци, обезбедување и цивили, започнало организирано извлекување на заглавените лица.

- Од тој момент извлекувавме заедно. Некогаш со полицаец, некогаш со обезбедување, некогаш со цивилно лице. Секое извлекување беше различно - рече Паунов.

Во критичните моменти, како што опиша, во најдолниот ред од насобраните луѓе забележале две девојчиња кои биле свесни и барале помош.

- Моравме да клекнеме одоздола за да ги извлечеме, додека над нас другите тимови продолжуваа да вадат лица. Секое извлечено лице веднаш се носеше до паркингот, каде што веќе имаше медицински екипи и претставници на Црвениот крст - изјави Паунов.

Тој сведочеше дека по расчистувањето на поголем дел од влезот, пожарникарски екипи почнале да навлегуваат во објектот со водени линии за гасење на пожарот. Во меѓувреме добиле информации дека има заглавени лица и во просторијата означена како билетарница, од десната страна на дискотеката.

Кога влегол таму, затекнал десетина лица во бессознание, како и други лица кои биле свесни и барале помош од делот што водел кон главниот простор на дискотеката.

- Кога ја видов ситуацијата, повторно излегов надвор и побарав дополнителна помош од полицијата и цивилите. Потоа заедно почнавме да ги извлекуваме луѓето од задните простории, а подоцна и оние кај самиот влез - појасни сведокот.

Во своето сведочење Паунов нагласи дека приоритет на пожарникарите од првиот момент бил спасувањето човечки животи, а не гасењето на огнот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk