Северна Македонија бележи напредок во научно-истражувачката дејност, а буџетот наменет за науката годинава достигна рекордни 773 милиони денари, информира Министерството за образование и наука по повод Светскиот ден на науката за мир и развој, 10 Ноември.
Од МОН посочуваат дека напредокот е нотираn и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој е оценето дека има добри резултати во спроведувањето на Акцискиот план од Стратегијата за паметна специјализација. Како значаен чекор се издвојува и формирањето на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, како и продолжувањето на учеството во европските програми за наука и иновации.
Годинашните 773 милиони денари за научно-истражувачка дејност претставуваат зголемување во однос на 680 милиони денари минатата година, додека пред две години за оваа намена биле издвоени 380 милиони денари.
Од Министерството информираат дека минатата година биле поддржани околу 50 двегодишни научни проекти, кои сега се во завршна фаза.
Дополнително, на научниците и универзитетските професори им е обезбеден бесплатен пристап до светските научни бази „Web of Science“ и „Scopus“. Државата ги покрива и трошоците за објавување научни трудови во списанија со импакт-фактор, организирање научни конференции во земјава, учество на меѓународни собири и објавување научни зборници.
Од МОН велат дека целта е да се зајакне научната продукција, да се отстранат пречките за меѓународна соработка и да се подобри позицијата на македонските универзитети на светските ранг-листи.
Светскиот ден на науката за мир и развој се одбележува секоја година на 10 ноември, со цел да се истакне значењето на науката за општествениот напредок, мирот и подобрувањето на квалитетот на живот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата