На територијата на Општина Бутел од денеска почнуваат со работа комунални редари, чија задача ќе биде да го контролираат почитувањето на комуналниот ред, јавната чистота и заштитата на јавните површини и општинскиот имот.
Како што информираше градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, преку објава на Фејсбук, комуналните редари ќе бидат униформирани, ќе располагаат со службено возило и секојдневно ќе вршат контроли во сите населени места на територијата на општината.
– Нивната задача ќе биде да се грижат за комуналниот ред, јавната чистота, заштитата на јавните површини и општинскиот имот, како и спречувањето на вандализмот и несовесното однесување – наведе Костовски.
Во рамките на новата комунална служба, граѓаните ќе имаат можност директно да пријавуваат проблеми и неправилности преку посебен телефонски број.
– Граѓаните ќе имаат на располагање и посебен телефонски број 076-202-793, на кој ќе можат директно да пријавуваат комунални проблеми и неправилности – соопшти градоначалникот.
Според најавата, комуналните редари ќе постапуваат по пријавите на граѓаните и ќе вршат редовни теренски контроли со цел утврдување и спречување на нарушувањето на комуналниот ред.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата