Инфлуенсерката на Винарија „Тиквеш“ и претставник од невладината организација за контрола на референдумот 2018 година, која е и заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, со остар напад кон власта оцени дека ВМРО-ДПМНЕ создава поделба на граѓаните на „елита“ и „талог“, додека, како што тврди, зад таа реторика се кријат сериозни проблеми со задолжувањето, образованието, слободата на говорот и функционирањето на институциите.
Во реакцијата на социјалните мрежи, Каранфилова-Пановска ги обвини власта и ВМРО-ДПМНЕ дека за повеќе од две години мандат ги зголемиле долговите на државата, додека граѓаните не почувствувале подобрување на животниот стандард.
„Организираната криминална група на власт се самопрогласи за ‘елита’, едновремено нарекувајќи ги ‘талог’ сите други“, вели таа, додавајќи дека меѓу тие граѓани се и оние кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2024 година.
Каранфилова-Пановска тврди дека задолжувањето на државата се зголемило за околу четири милијарди евра и дека вкупниот долг достигнува околу 12 милијарди евра. Според неа, само за камати граѓаните годишно ќе плаќаат околу 350 милиони евра.
Таа воедно ја обвинува власта дека не ги прикажува целосно обврските на јавните претпријатија и дека со тоа се прикрива вистинската состојба со јавниот долг и буџетскиот дефицит.
„Не може владата да трупа долгови на грбот на граѓаните, а притоа освен енормно лично и партиско богатење на нивниот тесен криминално-‘елитен’ круг, никој друг да не добива ништо“, вели Каранфилова-Пановска.
Во реакцијата таа се осврнува и на состојбите во образованието, поврзувајќи ги со демографскиот пад и намалувањето на бројот на ученици.
Остри критики упатува и за состојбата со слободата на говорот. Каранфилова-Пановска тврди дека опозициските пратеници се цензурираат, а владини функционери користат навреди кон политичките противници и критичарите.
Таа го посочува и случајот со протестите во Гостивар по водната криза, при што тврди дека имало насилство врз млади луѓе кои протестирале поради сомнежите околу безбедноста на водата за пиење.
Каранфилова-Пановска ја обвини власта и за притисок врз опозициски функционери преку повикување во полиција поради објави на социјалните мрежи.
„Правдата е на повик од мобилниот на премиерот, институциите се на колена, граѓаните се осиромашени и угнетени, слободата ја нема, младите и децата ни исчезнуваат“, порача таа.
Фото: ФБ
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата