Во три од вкупно седум откриени случаи, утврдено е дека шлепери натоварени со цигари влегувале во Република Македонија преку граничен премин Богородица, во транзитна постапка, од кои два биле со крајна дестинација Молдавија, а еден со крајна дестинација во Србија и притоа, наместо транзитот да биде реализиран согласно царинските прописи, цигарите биле нелегално истоварени на територијата на Република Македонија, по што шлеперите ја напуштиле државата преку граничен премин Табановце празни, а во царинскиот систем биле заведени како полни.
Ова го истакна денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски на прес-конференција по повод истрагата со кодно име „Филтер“, во која Царинската управа, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и во соработка со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ) на МВР, откри организиран систем за шверц на цигари со кој е причинета штета на државниот буџет од над 377 милиони денари, односно над 6,1 милиони евра.
Во преостанатите четири случаи, Николовски информираше дека шлеперите натоварени со цигари влегувале преку граничниот премин Богородица без нивното влегување воопшто да биде евидентирано од страна на царинските и полициските службеници.
Тој нагласи дека операцијата опфаќа случаи реализирани во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2024 година, при што во сите седум откриени случаи нелегално се пуштени во слободен промет вкупно 69.350.000 парчиња цигари.
– Во рамки на истата истрага, откриени се и четири случаи во кои шлепери натоварени со цигари влегле преку граничен премин Богородица, но нивното влегување во државата не било евидентирано ниту од страна на царинските, ниту од страна на полициските службеници. Цигарите потоа биле истоварени на територијата на Македонија без соодветно документирање на стоката или ставање во соодветна царинска постапка, како и без плаќање на соодветните давачки утврдени со закон. Количината на цигари во сите седум откриени случаи е вкупно 69.350.000 парчиња цигари кои се нелегално пуштени во слободен промет во државата – посочи Николовски.
Директорот на Царинската управа информираше дека поднесени се кривични пријави против три правни и 18 физички лица, меѓу кои четири царински и три полициски службеници, една шпедиција, една транспортна и една увозна компанија.
Во раните утрински часови денеска, тој нагласи дека се извршени претреси на 23 локации, при што се приведени 13 лица, меѓу кои четворица цариници, двајца полицајци, двајца возачи и пет други физички лица, додека за три лица кои моментно се надвор од државата е остварен контакт и се очекува да се пријават по враќањето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата