logo
logo
logo

Гласови од сите во втор круг - МИЦКОСКИ ВЕРУВА ВО ПОБЕДА ВО БРВЕНИЦА СО 4.000 ГЛАСА

Vecer | 19.10.2026

Гласови од сите во втор круг - МИЦКОСКИ ВЕРУВА ВО ПОБЕДА ВО БРВЕНИЦА СО 4.000 ГЛАСА

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на вонредните локални избори во Општина Брвеница има предност од околу 800 гласа пред кандидатот на ДУИ, додека разликата во однос на кандидатот на СДСМ е повеќе од 4 спрема 1, рече премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Вчера ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи во Брвеница, со огромен резултат. Тоа е значајна победа за ВМРО-ДПМНЕ во Полошкиот регион. Во вториот круг очекувам уште поголема поддршка од граѓаните без разлика на етничката припадност и уште подобар изборен резултат, за да ја заокружиме целосно победата на 1 ноември. Знаете тоа се вонредни избори поради прерано завршениот живот на нашиот Јовица. Благодарност до граѓаните на Брвеница кои што излегоа и ја поддржаа победата на ВМРО-ДПМНЕ, со некаде отприлика 3.000 гласа. Очекувам таа бројка после вториот круг да се искачи на рекордни 4.000 гласа – рече Мицкоски.

Верувам во конечната победа, додаде тој.

– Општината Брвеница од аспект на етничка конфигурација е таква каква што е. Но, ние пледираме на гласови од сите етнички заедници и благодарност на сите граѓани на Брвеница без разлика на етничката припадност што излегоа и дадоа поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ – изјави Мицкоски.

Тој денеска беше во посета на општината Чешиново Облешево, на пуштање во употреба на улицата Прохор Пчински во населеното место Чифлик.

– За мене е задоволство кога можам да бидам дел од убави проекти коишто се реализираат и случуваат и во помалубројни општини, какква што е општината Чешиново Облешево. Му честитам на градоначалникот за посветената работа. И, се разбира, заеднички, со поддршка од Владата, во периодот којшто следи, ќе реализираме уште многу проекти коишто се приоритет на граѓаните на оваа општина – рече Мицкоски.

Тој најави дека Владата за следната година планирае нов повик со којшто од централниот буџет ќе се финансираат проекти на општините.

– Нешто што ќе биде континуитет на она коешто го започнавме од првиот момент кога бевме избрани како Влада. Така што и тоа ќе биде една додадена вредност врз квалитетот на животот на граѓаните во оваа прекрасна општина. И исто така, конечно да се реши, би рекол, она прашање коешто останува нерешено, а тоа е водоснабдувањето во голем дел од населените места. Ние очекуваме, а веќе е извесно во реформската агенда да добиеме топ-ап или додаток на оние 750 милиони евра коишто претходно ги добивме. Знаете таму структурата каква е: една третина е ликвидност во буџетот, една третина е грант преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, а третата третина е евтин кредит којшто започнува да се исплаќа од 2035 година. Очекуваме да добиеме значајна сума во тој додаток и еден од приоритетните проекти ќе биде токму овој за којшто зборувавме денеска со градоначалникот. Така што тој проект мора да се случи и ќе се случи – рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk