Хирурзите во иднина би можеле со помош на специјални очила со интегрирани камери да ги забележуваат канцерогените промени и лимфните јазли кои не можат да се видат со голо око, што би овозможило попрецизно отстранување на туморското ткиво и помалку инвазивни операции. На оваа технологија работат научници од САД и македонски хирурзи од Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија, а истражувањето опфаќа пациенти со карцином на дојка, белите дробови и заболувања на тироидната жлезда.
Станува збор за специјални очила со модифицирани камери кои, со помош на инфрацрвена светлина и флуоресцентни маркери, овозможуваат визуелизација на туморските промени, лимфните јазли и околното ткиво. Целта е хирургот во текот на операцијата да добие дополнителни информации за тоа каде се наоѓа зафатеното ткиво и дали по неговото отстранување останале канцерогени клетки на оперативните рабови.
Во истражувањето учествуваат проф. д-р Виктор Груев од Универзитетот во Илиноис, директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, д-р Игорче Џиковски, и вонреден проф. д-р Борислав Кондов исто така од Клиниката за тораклана и васкуларна хирургија. Нивната научна соработка трае десет години, а резултатите од едно од истражувањата се објавени во престижното научно списание „Light: Science & Applications“, дел од групацијата „Nature“ и тоа со импакт-фактор 24.0.
Проф. д-р Виктор Груев објаснува дека соработката започнала со истражување за детектирање позитивни лимфни жлезди кај пациентки со карцином на дојка. Првичните резултати од пилот-студијата, во која учествувале д-р Џиковски, д-р Кондов и нивните тимови, биле позитивни, по што добиле грант од Националната фондација за наука во САД за продолжување на истражувањето.
Соработуваме веќе десет години низ неколку проекти. Имавме неколку проекти финансирани од американската влада, кои ни овозможија да ги започнеме и да ги продолжиме овие соработки. Пред две години го започнавме овој проект за дијагностика на позитивни лимфни жлезди кај пациенти со карцином на дојка. Направивме мала пилот-студија со проф. Џиковски, д-р Кондов и целиот тим. Имавме позитивни резултати, аплициравме и добивме грант од Националната фондација за наука, што ни овозможи да ја продолжиме работата. Паралелно работевме студија и во Македонија и во Америка, на Универзитетот во Пенсилванија. Колку што учиме во Америка, учиме и тука, во Македонија. Работите што ги откриваме овде можат да се применат секаде – вели д-р Груев.
Технологијата овозможува хирургот да добие информации кои со конвенционалните методи не може да ги забележи. Со помош на камерите може попрецизно да се одредат локацијата на лимфните јазли и границите на туморската промена, но и да се процени дали целото канцерогено ткиво е отстрането.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата