Грипот се засилува во Македонија, со речиси двојно повеќе пријавени случаи за само една недела, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен на 5 ноември. Во периодот од 26 октомври до 1 ноември биле регистрирани 116 случаи на грип и заболувања слични на грип, наспроти 61 претходната недела, што претставува раст од 90,2 проценти. Најмногу пријави има во Тетово, но според ИЈЗ, Македонија сè уште не го достигнала прагот за сезонска активност на грипот.
Според официјалните податоци, во Тетово се регистрирани 48 случаи, во Куманово 26, а во Скопје 13. Следуваат Прилеп и Гостивар со по седум пријавени случаи.
Особено забележлив е растот во Тетово, каде што претходната недела биле пријавени само четири случаи. Тетово и Куманово заедно учествуваат со речиси 64 проценти од вкупниот број пријавени заболувања во државата.
Најмногу заболени, вкупно 84, се на возраст од 15 до 64 години. Кај лицата постари од 65 години се регистрирани 25 случаи, додека седум случаи се пријавени кај деца од пет до 14 години.
Лабораториските анализи потврдуваат дека вирусот на грип веќе циркулира. Од 47 испитани примероци во ИЈЗ, четири биле позитивни на инфлуенца А, од кои три несубтипизирани и еден од типот А(H1)pdm09. Дополнително, еден примерок бил позитивен на коронавирусот SARS-CoV-2.
Сепак, сите 116 пријавени случаи не се лабораториски потврден грип. Неделниот епидемиолошки надзор ги опфаќа и заболувањата со симптоми слични на грип.
И покрај значителниот раст, ИЈЗ соопштува дека состојбата сè уште е на меѓусезонско ниво. Пријавената инциденца изнесува 6,3 случаи на 100.000 жители, додека границата за влез во сезонска активност е 7,32 случаи на 100.000 жители.
Тоа значи дека сезонскиот бран сè уште не е официјално започнат, а врвот на сезоната не е утврден. Сепак, неделниот раст покажува дека бројот на заболени се зголемува уште пред почетокот на зимата.
Од почетокот на сезоната 2026/2027 досега се регистрирани вкупно 343 случаи на грип и заболувања слични на грип, од кои 127 на подрачјето на Тетово.
Паралелно продолжува вакцинацијата против сезонски грип, која започна на 21 октомври. Според податоците од Управата за електронско здравство, наведени во извештајот на ИЈЗ, со бесплатни вакцини досега се вакцинирани 11.629 лица од ризичните категории.
Бесплатната вакцинација се спроведува преку центрите за јавно здравје и здравствените домови, а пријавувањето се врши преку електронскиот систем за вакцинација.
ИЈЗ потсетува дека вакцинацијата е најважната мерка за заштита од сезонски грип, особено за повозрасните лица, хронично болните, бремените жени, малите деца и здравствените работници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата