logo
logo
logo

ВОНРЕДНА СЕДНИЦА НА ВЛАДАТА: Намалените акцизи и повластеното ДДВ остануваат во сила и наредните две недели

Vecer | 16.05.2026

ВОНРЕДНА СЕДНИЦА НА ВЛАДАТА: Намалените акцизи и повластеното ДДВ остануваат во сила и наредните две недели

Владата ги продолжува мерките за ублажување на ценовните притисоци и заштита на животниот стандард на граѓаните до 1 јуни 2026 година. Одлуката била донесена денеска на вонредна владина седница, на која се продолжени мерките за цените на горивата. Намалените акцизи и повластеното ДДВ остануваат во сила и наредните две недели.

За бензините акцизата е скратена за 2 денари, а ДДВ-то и натаму ќе биде повластено и ќе изнесува 10%. Кај дизелот, пак, акцизата е намалена за 4 денари, но ДДВ-то е по редовна стапка од 18%.

Во понеделник истекува и важноста на попустот кој ОКТА им го даде на бензиските и тоа 2 денари за бензините и 3 за дизелот. Дали овој попуст ќе продолжи – преговорите со компанија се уште течат.

Инаку нафтата на светските берзи вчера застана на околу 109 долари за барел. Како оваа сума ќе влијае на македонските пумпи, ќе се знае задутре кога Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе нова одлука за цените на горивата.

Паралелно, Државниот пазарен инспекторат до среда спроведува засилени контроли во синџир-маркетите. Доколку се утврди неоправдано зголемување на цените, министерот за економија Дурмиши вчера најави дека ќе се преземат мерки.

Според него, засега нема основа за итна реакција кај цените на прехранбените производи, бидејќи минатиот месец трговците ја намалиле својата маржа за речиси еден процент.

Како една од можните интервентни мерки се разгледува и намалување на ДДВ-то за прехранбените производи од 5 на 0 проценти.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk