Најскапото од природата од кое човекот има основна потреба е - водата. Нафтата ја има на берза, може да се купи и донесе, како и струјата и се друго но, водата определува живот, создава населби, семејства, економија. Ја имаме се помалку.
Македонија се соочува со огромни загуби на вода – лани биле изгубени 63,05 отсто од водата на пат од изворот до крајниот корисни што поради кражба и незакоснко користење што поради технички проблеми во транспортот и одводот, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика.
Во некои региони загубите надминуваат 80 проценти, а речиси половина од водните претпријатија работат со финансиски загуби. Експертите предупредуваат дека климатските промени дополнително го зголемуваат ризикот од недостиг на вода.
Се бара голема одговорност но и законска и техничка поддршка за водниот сектор како еден од најранливите на последиците од климатските промени.
Загубите се таканаречена “неприходувана“ вода

Што е неприхидувана вода?
Водата што не носи приходи (Non Rewenue Water -NRW) е во основа произведена, третирана вода што се губи некаде во системот за дистрибуција на вода, и никогаш не стигнува до потрошувачот.
Ова е трошење на драгоцени водни ресурси, а водата што се произведува и губи без да генерира приходи има негативно финансиско и еколошко влијание. Трошоците за производство и енергијата што се користи за производство и дистрибуција на вода се трошат залудно. А кога се губи значителна количина вода, тоа значи дека треба да се произведува и прераспределува повеќе вода, и повеќе трошоци.

Причините за загуби на вода се многубројни, почнувајќи од протекување, пукнати цевки и лошо управување со водата, па сè до нелегални приклучоци и неовластена потрошувачка.
Проблемот не е само во Македонија, тој е универзален. Во развиените држави “загубена/неприходувана“ вода се мери околу 10 до 30%, но во економски неразвиените подрачја низ Европа загубата оди и до 80-90%. Или, ако се создаде 100 кубици вода, преработена и прочистена за употреба, на крајот само за 10 или 20 кубици од неа се наплаќаат трошоците од кои пари треба да се произведе нова вода за луѓето.
Што велат бројките за Македонија

Статистиката вели дека само минатата година, загубите на вода изнесувале 63,05% и се помали за 0,16% во споредба со 2024.
Намалување од 0,33 кубни метри има и кај просечната месечна загубена потрошувачка на домаќинствата, која во 2025 изнесувала 12,59 метри кубни по домаќинство.
Најмала потрошувачка има Југозападниот Регион, од 8,67 кубни метри, а во Вардарскиот е најголема со 15,10 кубни метри.
Најголемото количество питка вода се губи во цевките на водоводните претпријатија, но голем дел од “загубата“ е поради кражба на вода преку нелегално приклучување, особено од страна на земјоделците и парковите.

Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40%. Загубите на водата за пиење, во непредвидливите климатски промени, често не се сфаќаат сериозно, па затоа може да има проблем на долг рок конкретно за некои општини.
Регулаторите не можат да ја работат работата во полн капацитет ако надлежноста половична и ако над 60% е загубата на водата од извор до чаша.

Кога ќе се анализира протокот и ќе се мапираат местата, регионите и точките на кои се јавува “загуба“ на водата заклучокот е дека проблемот е во лошото одржување на водоводните системи за што требаат пари, а ако се наплаќа само 37% од водата која се преработува и дистрибуира нема пари во буџетот за редовно одржување на системот.
Добар дел од “загубената“ вода е во суштина украдена вода преку нелегално приклучување за свои економски потреби од страна на фирми и граѓани и тука е неопходна соработка на централните и комуналните (општински) претпријатија со полицијата и обвинителството за лоцирање на тие појави и ставање пред казни и одговорност за сторителите.
Водата ја нема неограничено, и со проблемите за нејзина достава таа станува се поскапа бидејќи се повеќе ќе има загуба на вода за која не се наплаќа, и ќе нема пари за одржување. Потребата е да се воспостави централен систем за анализа и решавање проблем по проблем се додека - се уште има вода.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата