Еден од највлијателните готвачи на современата гастрономија, Рене Реџепи, се повлече од секојдневното раководење со Нома во Копенхаген, ресторан што со години беше симбол на новата нордиска кујна и врв на светската гастрономска сцена.
Тетовецот Рене Реџепи се повлече од улогата главен готвач во светски познатиот ресторан Нома во Копенхаген поради обвинувања за злоставување. Реџепи ја објави својата одлука на социјалните мрежи.

„По повеќе од две децении градење и водење на овој ресторан, решив да се повлечам и да им дозволам на нашите извонредни лидери да го водат ресторанот во неговото следно поглавје“, кажа Реџепи.
Одлуката доаѓа откако во јавноста повторно избувнаа тешки обвинувања за физичко и психолошко малтретирање на вработени, поврзани со периодот меѓу 2009 и 2017 година.
Скандалот се интензивираше по истрагата на „Њујорк тајмс“, во која беа интервјуирани 35 поранешни вработени во Нома. Нивните искази опишуваат шема на физичко и психолошко малтретирање во кујната помеѓу приближно 2009 и 2017 година.
Поранешни вработени наведоа дека има инциденти како што се: удирање на вработените во лицето, бодење на вработените со кујнски алатки или виљушки за скара, удирање на вработените во ѕидови, понижување на вработените пред колегите, закани за оштетување на кариерите или ставање на работници на црната листа.
Овие искази опишуваат култура на страв и заплашување, според истрагата.

Некои вработени, исто така, наведоа закани поврзани со имиграцискиот статус или семејното вработување, иако тие тврдења се оспорени.
Повлекувањето не е само личен потег на славниот шеф, туку силен удар врз целиот мит што со години се градел околу Нома. Ресторантот беше повеќепати прогласуван за најдобар во светот, освои три Мишелин ѕвезди и изгради репутација на место каде што кулинарската иновација се претвора во глобален култ.
Но зад таа слика, според сведоштва на поранешни вработени, долго време постоела и друга реалност: понижување, агресивно однесување и атмосфера во која стравот бил дел од секојдневната работа.
Во својата порака, Реџепи призна дека неговото минато однесување им наштетило на луѓе што работеле со него и оцени дека извинувањето само по себе не е доволно. Нома потврди дека тој веднаш се повлекува од дневните операции, но засега не е сосема разјаснето дали тоа ќе влијае и врз неговата сопственичка улога. Паралелно, тој се повлече и од управниот одбор на организацијата MAD, која самиот ја основал.
Скандалот доби уште поголема тежина затоа што избувна токму во пресрет на скапата поп-ап резиденција на Нома во Лос Анџелес, каде што цената на оброк достигнуваше 1.500 долари.

По објавувањето на наводите, дел од спонзорите се повлекоа, а отворањето беше проследено и со протести. Така, кризата повеќе не остана внатрешен проблем на еден ресторан, туку стана јавна расправа за цената на совршенството во високата гастрономија и за тоа колку долго ѕвездениот статус може да ги прикрива злоупотребите зад кујнските врати.
Нома соопшти дека во последните години направила промени во работната култура, меѓу кои и платена пракса, подобро работно време и пошироки бенефиции за персоналот.
Но повлекувањето на Реџепи покажува дека штетата веќе не може да се третира како стара приказна што ќе остане зад ресторанската легенда. Кога паѓа човек чие име со години беше синоним за кулинарски гениј, не се менува само врвот на еден ресторан, туку се отвора пошироко прашање како индустријата ги наградува резултатите, а премолчува начинот на кој се создадени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата