logo
logo
logo

Нови сопственици, и веднаш нова слика и акција: СЕ РЕНОВИРААТ ХОТЕЛИТЕ БРИСТОЛ И АРАПСКА КУЌА - ЈАДРАН

Vecer | 04.11.2025

Нови сопственици, и веднаш нова слика и акција: СЕ РЕНОВИРААТ ХОТЕЛИТЕ БРИСТОЛ И АРАПСКА КУЌА - ЈАДРАН

Старите, легендарни хотели Бристол и Арапска куќа Јадран се враќаат во живот откако сопственикот Македонијатурист доби нови акционери, од кои еден од поголемите акциоенри е Македоноец кој со децении успешно работи хотелиерство во Чешка и други држави од средна Европа, и донесе искуство и организација која во Македонија недостасува.

Хотел Бристол, во центарот на Скопје, е првиот објект кон кој се пристапува со негова реконструкција и осовременување. Тоа е хотел кој има легендарно минато, за него се врзуваат децении на култно место, со славни гости, меѓу кои и Гркот Зорба опеан и прославен во еден од најпознатите холивудски филмови кој го носи неговото име, а актерот Ентони Квин го оживеа неговиот лик.

https://vecer.mk/skopje-za-pochetnici/khotel-bristol-poznatite-ljubovnitsi-koj-vo-bavchata-zasadile-orev-za-sekjavanje-na-niv-49e1eb48-601d-40d9-a4b7-176480826f2d

Од Македонијатурист најавувааат дека освен него, планираат целосно да реконструираат уште три препознатливи хотели во Скопје:  Турист, Белви и хотел Јадран, пради својата ориентална фасада познат како Арапска куќа.

Деновиве веќе е објавен јавен повик за прибирање понуди за изработка на идеен проект, основен проект со сите фази, како и проект за ентериерно уредување за трите хотели, на кој се повикуваат да достават понуди сите овластени проектантски бироа најдоцна до 17 ноември годинава. 

Изборот ќе биде направен почитувајќи го принципот на најдобар сооднос помеѓу времето потребно за изработка на проектот, цената на неговото чинење, како и референтната листа како ваше портфолио за изработка на проекти од ваков вид на дејност, како параметри со еднакво значење при изборот.

Хотелот Јадран, како и хотелот Бристол,  е категоризиран како значајно културно наследство и во однос на истиот ќе се применат сите дополнителни законски прописи за заштита на културното наследство.

Сите овие хотели во изминатите години беа или затворени или запуштени, а Македонијатурист немаше интерес досега да ги обнови, затоа што се работи за скапа инвестиција. Но, потоа дојде до промена на сопственичката структура во фирмата, со големо вложување од неколку десетици милиони евра на четворица нови акционери, двајца меѓу најактивните во градежништвото, еден познат и успешен во трговијата и четвртиот наш Македонец кој со децении работи во Чешка и, по иуспешна инвестиција во приватна клиника сега вложува во хотелерството што е негов основен бизнис во Европа.

Објектите кои имаат степен на заштита како културно наследство, како хотел Јадран и хотел Бристол ќе се постапува целосно согласно конзерваторските услови и одобренија од надлежните заштитни институции како и согласно прописите од областа на заштита на културното наследство со што тие ќе го зачуваат својот автентичен изглед.

За хотел Турист се планира неопходно реновирање и внатрешно уредување. Хотел Бристол ќе го реновира градежна компанија која ќе биде избрана од раководството на Македонијатурист. Динамиката на отпочнување со реновирање и вршење на градежните и уредувачките работи ќе се утврдува дополнително од стручните тимови, а средствата ќе се обезбедат од сопствени извори на Друштвото и ќе ја пратат утврдената динамика согласно потпишаните договори со изведувачите.

Во секој случај се работи за некои од најстарите хотели во Скопје и околината, кои се дел од историјата на градот и дел од убавите спомени на скопјани кои токму во нив оделе и да се забавуваат. Во хотелите Бристол и Турист се наоѓаа и најпосетените дискотеки од младите во 70-тите и 80-тите години на минатиот век.

Најстар од овие хотели е Бристол, кој почнал да се гради во 1920 година, а свечено бил пуштен во употреба на 24 април 1924 година. Негови инвеститори и први сопственици биле браќата трговци Ташко и Ристо Караџа. Уште од отворањето, тие најчесто го издавале под наем, а за себего користеле единствено кога била нивната семејна слава, Свети Никола. Тогаш ги собирале своите деловни партнери и пријатели на прослава, во раскошните сали на хотелот.

Хотелот бил познат по забави, семејни прослави, во кои се собирале скопјани да танцуваат на музика, а преку лето уживале со пијалок на неговата голема летна тераса. Во 60-тите години му се урива реномето и неговите соби служеле за куси сексуални средби. Во 70-тите години во него се отвара популарната дискотека Таверна. Затворен е во 2012 година, а од неодамна се реновира и повторно ќе ги отвори вратите за посетители.

Арапска куќа е дело на архитектот Иван Артемушкин, кој бил ангажиран од браќата трговци Дикиџијан .Објектот бил изграден во периодот меѓу 1936 и 1938 година и наводно, едниот од браќата, Агоп Дикиџијан, објектот го градел како подарок на својата сопруга Агавни. Куќата низ годините била и во сопственост на Рустем Бег и неговата жена Рустикана Натали, а подоцна во неа ќе живее и Димитар Влахов.

Во 60-те години на минатиот век, преминува во рацете на МакедонијаТурист, добивајќи нова намена и ново име – хотел Јадран. Објектот е заштитен како културно наследство и со години е затворен за гости.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk