Тим составен од претставници на повеќе министерства и на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) работи на правилник за електрични автомобили, а паралелно се подготвуваат и посебни мерки за поттикнување на електромобилноста во државата, пренесе МИА.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека во период од две до три недели, односно кон средината на ноември, ќе се одржи состанок со компаниите од оваа сфера, на кој ќе се разгледуваат можните решенија за развој на пазарот на електрични возила.
Николоски истакна дека електромобилноста е еден од владините приоритети, особено во контекст на зелената транзиција, промените во цените и достапноста на горивата, како и неизвесноста поврзана со идните кризи.

Како пример за планираните активности, тој го посочи пилот-проектот за автопатот Скопје – Блаце, изработен од германска консултантска компанија. Целта е новиот автопат да биде целосно електричен, односно да ги исполнува принципите на зелената транзиција. Студијата ќе биде применета при изградбата на автопатот, чие реализирање започна пред два месеца.
-Доколку сакаме да имаме зелена транзиција, мора да ги стимулираме луѓето да се насочуваат кон ваков тип возила – рече Николоски, посочувајќи дека правилникот го подготвуваат заеднички ресорите за транспорт, енергетика и економија, во соработка со РКЕ.
Тој најави дека на претстојниот состанок ќе бидат консултирани компаниите што секојдневно работат во оваа област, со цел да се утврдат најсоодветните решенија и потребите на пазарот.
Според изнесените податоци, просечната старост на возилата во Македонија изнесува 20 години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата