Основачкиот капитал е уплатен во банката Алта Банка Битола и не може да се повлече без спроведување соодветна законска процедура. Депозитите во банката се средства на граѓани и компании во Македонија, додека одобрените кредити се во корист на домашни субјекти. Банката работи и плаќа даноци во земјава, а нејзините вработени се македонски граѓани.
Средствата на АЛТА банка Битола, заклучно со 30 септември 2026 година, ги надминуваат нејзините вкупни обврски за повеќе од 30 милиони евра.
Во врска со одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на АЛТА банка а.д. Белград, Народната банка посочува дека оваа одлука се однесува на работењето на банката во Република Србија и сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата за работа на АЛТА банка АД Битола, велат од НБРМ.
Домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби.
– Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. Во рамките на своите законски надлежности, Народната банка соодветно постапува и соработува со надлежните домашни и странски институции, со почитување на законските правила за доверливост на супервизорските информации.
Во однос на стекнувањето квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека согласност се издава врз основа на сеопфатна постапка, во којашто се ценат законски утврдените критериуми, а врз основа на официјално достапните податоци, се наведува во соопштението.
Народната банка апелира до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации. Народната банка ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и да постапува независно, професионално и исклучиво во согласност со своите законски надлежности, во интерес на сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата