Државата ја презема иницијативата за реализација на капиталните хидроенергетски проекти – домашна сопственост, меѓународно
финансирање и долгорочна енергетска безбедност
„Чебрен“ и „Галиште“ одамна не се само два хидроенергетски проекта. Тие се симбол на една недовршена национална енергетска визија,
но и можност Македонија конечно да направи крупен исчекор кон посигурна, постабилна и посуверена енергетска иднина. По повеќе децении планови, студии и 14 неуспешни обиди за избор на концесионер или приватен партнер, државата повторно ја отвора можноста сама да ја
преземе инвестициската иницијатива, преку АД ЕСМ, со поддршка од меѓународни финансиски институции
Во последните месеци оваа идеја добива сè поконкретна институционална и финансиска рамка. Премиерот Христијан Мицкоски во јуни 2026 година ја потврди процената дека за реализацијата на проектите би биле потребни околу 1,3 до 1,5 милијарда евра, а во септември, по разговорите со претставници на американската Развојна финансиска корпорација (ДФЦ), најави продолжување на разговорите за можностите за финансирање. Тоа е значајна промена во пристапот. Наместо повторно да се чека приватен инвеститор што ќе ги прифати сите услови на државата, се отвора можност Македонија да биде носител на инвестицијата, да ја задржи стратешката контрола врз инфраструктурата и да ги обезбеди потребните финансиски средства и меѓународната експертиза преку соработка со реномирани институции и компании. Оттука, суштинското прашање повеќе не е само кој ќе ги изгради „Чебрен“ и „Галиште“ туку како Македонија да ги реализира овие капитални проекти во интерес на сопствената економија, индустрија и на идните генерации.
Јасна стратегија за „Чебрен“ и „Галиште“
Приказната за „Чебрен“ и „Галиште“ е приказна за пропуштени развојни можности, но и за потребата големите национални проекти конечно да се издигнат над дневнополитичките пресметки. Плановите за искористување на хидроенергетскиот потенцијал на Црна Река датираат од шеесеттите години на минатиот век. По изградбата на ХЕ „Тиквеш“ во 1964 година, „Чебрен“ и „Галиште“ останаа како нереализиран дел од пошироката енергетска визија за ова подрачје. Во следните децении се изработуваа студии, се ревидираа технички решенија и се бараа инвеститори, но реализацијата постојано се одложуваше. Четиринаесетте неуспешни обиди за избор на концесионер или приватен партнер треба да бидат сериозна институционална лекција. Тие покажуваат дека за проекти од ваков обем не е доволно само да се објави тендер и да се очекува пазарот да го понуди најдоброто решение. Потребни се јасна државна стратегија, добро подготвена проектна документација, економска анализа, финансиска дисциплина и долгорочна политичка определба. Токму затоа актуелниот пристап, во кој државата ја разгледува можноста да биде носител на инвестицијата, заслужува сериозно внимание. Не станува збор за отфрлање на приватниот капитал, туку за поставување на државниот интерес како почетна точка при дефинирањето на моделот на реализација. Ако станува збор за инфраструктура од суштинско значење за националната енергетска безбедност, тогаш сосема е оправдано државата да ја разгледа можноста за задржување на сопственоста и стратешката контрола врз неа.
Енергетската сувереност е прашање на национална безбедност
Во разговор со еден наш соговорник, поранешен универзитетски професор, енергетичар во пензија, тој анализира дека „во наредните децении потребите од електрична енергија ќе бидат под влијание на индустрискиот развој, дигитализацијата, новите технологии, електрификацијата на транспортот и растот на потрошувачката во домаќинствата“…
– Во такви околности, енергетската безбедност станува еден од најважните предуслови за економскиот развој и конкурентноста на секоја држава. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2024 година, дури 65,5 отсто од бруто-внатрешната потрошувачка на енергија во Македонија била обезбедена од увоз. Истовремено, уделот на обновливите извори во бруто-производството на електрична енергија изнесувал 39,4 отсто. Најновите месечни податоци дополнително ја илустрираат важноста на домашното производство. Во август 2026 година, домашното бруто-производство на електрична енергија достигнало 506.386 мегават-часа, што претставувало 97,2 отсто од домашната потрошувачка на електрична енергија. Овие податоци покажуваат дека домашните производни капацитети имаат суштинска улога во стабилноста на системот, но и дека енергетската независност не може да се гради врз еден добар месец или врз поволни временски услови. Токму тука доаѓа значењето на „Чебрен“ и „Галиште“. Особено е важна реверзибилната функција на планираниот хидроенергетски систем „Чебрен“. Таквиот капацитет не треба да се гледа само како производител на електрична енергија туку и како инфраструктура за складирање енергија и балансирање на електроенергетскиот систем. Кога производството од сончевите и ветерните електроцентрали е високо, а побарувачката е пониска, вишокот енергија може да се искористи за пумпање вода кон повисоката акумулација. Кога потрошувачката расте или производството од променливите обновливи извори се намалува, водата може повторно да се искористи за производство на електрична енергија. Тоа е особено важно во период кога Македонија, како и другите европски држави, го зголемува уделот на обновливите извори во енергетскиот микс. Енергетската сувереност, значи, не подразбира целосно затворање на државата од регионалните пазари. Таа подразбира доволно сопствени производни и складишни капацитети, функционална инфраструктура и способност државата да ги задоволува сопствените потреби во критични моменти, без прекумерна изложеност на надворешни ценовни и геополитички влијанија – анализира нашиот соговорник, енергетичар, универзитетски професор во пензија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата