Првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за образование, Мила Царовска, и пратеникот Арбер Адеми се согласија дека неправилностите и неправдите во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени почнувајќи веднаш од учебникот по географија за втора година средно образование.

Ова се случува откако пред неколку дена група Албанци пред Министерството за образование запалија неколку страници од учебникот по географија.

Од кабинетот на Груби соопштија дека во случајот со овој учебник, но и со другите, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебниците.

„Овој дел од законот наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ги навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Северна Македонија“, стои во известувањето.

Во рамките на оваа одлука, во периодот што следува ќе бидат разгледани сите учебници со цел да се стави крај на овие појави, односно недоследностите во учебниците.

На крајот на состанокот Груби, Царовска и Адеми решија заеднички да ги поддржат реформите во образованието оценувајќи го ова како една од најпотребните реформи за Република Северна Македонија, известуваат од кабинетот на вицепремиерот Груби.

Медиумите на албански јазик во земјата деновиве објавуваа вести за, како што наведуваа, скандалозниот учебник, притоа посочувајќи што точно им пречи на Албанците во Македонија. Имено, тие наведуваа неколку спорни нешта наведени во учебникот.

На 99. страница од книгата, каде што е напишано: „меѓу денешните македонски Албанци има и родови што себеси се сметаат за староседелци. Главно тоа е македонско население, кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род што потекнува од некогашните Турци, Роми или Черкези“.

И на 104. страница како спорен момент го наведуваат напишаното дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Но, како што пренесоа медиумите на албански јазик, на оваа страница спорно е и тоа што е напишано: „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови“.