ПОЧНА ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ – 435 денари за килограм прва класа, се најавува зголемување на субвенциите

Vecer | 17.11.2026

ПОЧНА ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ – 435 денари за килограм прва класа, се најавува зголемување на субвенциите
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Започна откупот на годинешната реколта по цена од 435 денари за килограм тутун од прва класа, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски при посетата на откупниот пункт на Тутунскиот комбинат во Прилеп, кој денес има отворено 34 откупни пункта, а на кои досега се откупени повеќе од шест тони тутун. 

„Очекуваме повеќе од 96 отсто од тутунот да биде откупен во прва класа, што значи дека ќе успееме да ја задржиме цената. Оваа цена е и по барање на самите тутунари“, рече министерот Серафимовски.

Тој информираше дека површините под тутун годинава се зголемени во однос на лани и изнесуваат околу 15.100 хектари, при што посочи дека се очекува род од 26 до 30 милиони килограми, кој ќе се откупува според претходно склучените договори.

„Во разговор со Сојузот на тутунари и со останатите тутунари ќе предложиме ново решение, односно зголемување на субвенцијата од 80 на 90 денари, од причина што сакаме да излеземе во пресрет на поголем дел од тутунарите и земјоделците што го предаваат својот тутун“, најави министерот Серафимовски, појаснувајќи дека ќе се предложат измени во самата програма, основната мерка и зелената нафта да бидат укинати, но затоа да добијат дополнително 10 денари субвенција на тутун.

Тутунот од втора класа се откупува по цена од 370 денари, додека, пак, од трета класа по 305 денари за килограм.

Државниот инспекторат за земјоделство е на терен од првиот ден на откупот, во наредните денови контролите ќе ги опфатат сите 317 пунктови на десетте регистрирани откупувачи во земјата. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk