Без слободни и одговорни медиуми нема информирани граѓани, а без информиран народ демократијата ризикува да се претвори во празна форма лишена од сопствената суштина, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето на 20. Југоисточноевропски медиумски форум (SEEMF) 2026 во Скопје. Обраќајќи се на собирот што се одржува под мотото „Поблиску до регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникацијата и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“, таа нагласи дека новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на владата ниту нејзин однапред определен противник, туку мора критички да ја преиспитува секоја форма на моќ. Потсетувајќи на генерациите новинари кои ги губеле работните места и слободата во одбрана на етичките стандарди, претседателката истакна дека вистинската професија бара посветеност на вистината и јавниот интерес, оценувајќи дека политиката отсекогаш треба да биде дијалог, а никогаш монолог.
Во своето излагање, Сиљановска-Давкова посочи дека современите медиуми, вклучувајќи ги телевизијата, печатот, радиото, а особено интернетот и социјалните мрежи, не се само обични канали за пренос на вести, туку активни чинители во политичкиот процес кои директно влијаат врз распределбата на моќта и обликувањето на јавниот простор. Според неа, слободниот печат има и клучна образовна улога бидејќи отвора форум за дебата меѓу академската заедница, бизнис-секторот, синдикатите и граѓаните, но таа контролна функција врз власта е остварлива само доколку новинарите се суштински независни од политички влијанија.
Сепак, претседателката упати и критика за актуелните предизвици во медиумската сфера, предупредувајќи дека и покрај можностите што ги носат новите технологии и е-демократијата, медиумските содржини често се обременети со политички пристрасности наместо да нудат широк и избалансиран опсег на гледишта. Таа оцени дека масовните медиуми не подлежат секогаш на целосна јавна одговорност, додавајќи дека понекогаш претставуваат класичен пример за моќ без одговорност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата