Атентат врз однапред определена личност во Грција се подготвувал од криминална мрежа која дејствувала на територијата на Македонија. По десетмесечна оперативна истрага, Агенцијата за национална безбедност открила активности за кои постојат сомнежи дека биле координирани од ирански државјанин, со можни врски со иранските безбедносно-разузнавачки служби. Според АНБ, постојат индиции за вмешаност на ирански разузнавачки структури во подготовките за нападот.
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, соопшти дека домашната мрежа била разоткриена преку оперативно-технички и аналитички активности, во соработка со странски партнерски служби.
Според Христовски, македонската група била составена од лица поврзани со криминални структури, кои по директни насоки од иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маванех преземале логистички и други подготвителни активности за извршување терористички акт.
За Маванех, како што информираше директорот на АНБ, постојат индиции дека соработува со иранските разузнавачки служби и има врски со иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зинташки.
„Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаат подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт, атентат врз претходно дефинирано лице, таргет лоциран во Грција“, изјави Христовски.
Истрагата, според него, покажала дека припадниците на мрежата одржувале тајни средби во трети земји, меѓу кои и во Иран. Нивниот начин на комуникација и организирање бил утврден преку размена на информации со странски партнерски служби.
Христовски нагласи дека Маванех бил главниот носител на планираната терористичка операција.
Одговарајќи на прашањето дали постојат сознанија за можни терористички закани на територијата на Македонија, директорот на АНБ рече дека засега нема информации за подготвување напади во земјава или за македонски државјани како потенцијални цели.
Во акцијата биле опфатени шест лица, потврди директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев. На четири лица им е одреден притвор, на едно куќен притвор, додека шестото лице сè уште не е достапно за органите на прогонот и по него се трага.
Од АНБ најавија дека и понатаму ќе соработуваат со домашните и странските безбедносни служби во откривањето на посреднички мрежи и спречувањето потенцијални терористички закани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата