Владата води пробизнис и проекономска политика, а потврда за нејзините резултати се податоците на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, според кои Македонија е држава со највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ во регионот и со најниска стапка на инфлација - изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање по промоција на мобилната апликација „М.услуги“, Мицкоски посочи дека стапката на инфлација во земјата е за 25 проценти пониска од европскиот просек, што, како што рече, е резултат на политиките на Владата. Во исто време, како што нагласи, при инфлација од два до три проценти, во вториот квартал годинава е остварен економски раст од 4,3 проценти.
- Да, ние имаме пробизнис и проекономска политика што ја водиме како Влада и во таа насока ќе продолжиме. И Европската комисија, и Меѓународниот монетарен фонд, и Светската банка го потврдуваат тоа што ние како Влада го зборуваме, дека во регионот сме држава со највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ и со најниска стапка на инфлација. Односно, да бидам попрецизен, ако во минатото овие што денеска се опозиција, а тогаш беа влада, нè убедуваа дека стапката на инфлација во Македонија е двојно поголема од европскиот просек поради тоа што е увезена, денеска гледаме дека имаме за 25 отсто пониска стапка на инфлација од онаа што е европски просек, а тоа е резултат на политиките на Владата. А во исто време, кога имате стапка на инфлација помеѓу 2 и 2,5 проценти или помеѓу 2 и 3 проценти, да генерирате раст од 4,3 проценти во вториот квартал од оваа година, навистина претставува проактивна економска политика и политика што носи резултати - изјави Мицкоски.
Премиерот оцени дека состојбата во државата пред 28 месеци била исклучително тешка и дека Владата сè уште се справува со финансиските обврски наследени од претходниот период. За 2027 година, како што рече, треба да се рефинансираат или вратат заеми во вредност од 2,3 милијарди евра, а за 2028 година се планирани обврски од 2,7 милијарди евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата