МАКЕДОНИЈА ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ ЗА ЈАПОНСКИ ИНВЕСТИЦИИ

Vecer | 19.11.2026

МАКЕДОНИЈА ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ ЗА ЈАПОНСКИ ИНВЕСТИЦИИ
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Македонија ги нуди најдобрите и најконкурентни услови за инвестирање во целиот регион, со континуиран економски раст, најниски даночни стапки и стабилна инфлација на ниво на европскиот просек, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната средба со претставници на Јапонската владина организација за унапредување на надворешната трговија (ЈЕТРО). Осврнувајќи се на актуелните глобални економски предизвици, Николоски нагласи дека државата бележи стабилни макроекономски показатели и најниска инфлација во Југоисточна Европа од околу 3 проценти, додавајќи дека релевантните меѓународни финансиски институции како ММФ и Светската банка двапати ги ревидирале проекциите нагоре, поради што се очекува годината да заврши со раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 3,8 проценти. Според него, покрај двегодишниот стабилен раст на БДП, позитивни трендови бележи и индустриското производство, додека градежниот сектор бележи континуиран раст цели 11 последователни квартали како резултат на засилените буџетски и приватни инвестиции на терен.

Пред јапонската делегација, вицепремиерот ги потенцираше компаративните предности на македонската економија, издвојувајќи ја даночната политика со рамен персонален данок на доход и данок на добивка од по 10 проценти, со целосно ослободување од данок доколку добивката се реинвестира. Тој посочи дека земјата располага со добро обучена работна сила поткрепена со системот на дуално образование, како и со слободен пристап до големите пазари преку договорите за слободна трговија со Европската Унија, ЦЕФТА и ЕФТА, што овозможува извоз без дополнителни царински давачки, дополнето со договорите за стратешко партнерство со САД, Велика Британија, Турција и Унгарија. Николоски изрази очекување дека оваа средба со ЈЕТРО — институција задолжена за поттикнување на јапонската трговија и деловна соработка со светот — ќе резултира со продлабочување на билатералната трговска размена и влез на нови јапонски инвестиции во земјава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk