Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека снабдувањето со електрична енергија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје е воспоставено и изрази уверување дека нема да има повторно исклучување поради неплатените сметки.
На дел од факултетите во состав на УКИМ вчера им била исклучена струјата поради долг, објави.
Снабдувањето подоцна било обновено, со услов преостанатите сметки да се подмират до петок, во спротивно постои можност за ново исклучување.
„Електрична енергија на УКИМ има. Точно е дека има долгови за електрична енергија, меѓутоа вчера излезе во Службен весник ребалансот на буџетот. Ние ги сервисираме редовно тие долгови и длабоко сум убедена дека нема да имаме ваков проблем“, изјави Јаневска.
Министерката денеска присуствуваше на Филозофскиот факултет, каде што се одбележуваат 80 години од основањето на Институтот за историја. По повод јубилејот се одржува дводневна конференција на тема „Од национални приказни до испреплетени истории“.
На настанот беа упатени пораки за значењето на научниот пристап во соочувањето со предизвиците пред македонската историографија, како и за потребата од поголема поддршка за младите заинтересирани за изучување на историјата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата