АВТОБУСИТЕ И КАМИОНИТЕ ПОД ЛУПА: Полицијата со засилени контроли низ Македонија оваа недела

Vecer | 19.11.2026

АВТОБУСИТЕ И КАМИОНИТЕ ПОД ЛУПА: Полицијата со засилени контроли низ Македонија оваа недела
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Македонската сообраќајна полиција, како членка на Европската мрежа на сообраќајни полиции (ROADPOL), во периодот од 16 до 22 ноември 2026 година спроведува засилени сообраќајни контроли во рамки на меѓународната акција „Truck & Bus“, насочена кон зголемување на безбедноста на автобусите и товарните возила во патниот сообраќај, соопштение од МВР.

Целта на акцијата е превенција на сообраќајните незгоди, навремено откривање и санкционирање на прекршоците и подигнување на нивото на безбедност за сите учесници во сообраќајот.

Посебно внимание при контролите се посветува на техничката исправност и безбедносната опременост на автобусите и товарните возила, исполнувањето на законските услови за организиран превоз на деца, како и почитувањето на прописите при организирање училишни, образовни и рекреативни патувања. Дополнително, се проверуваат психофизичката состојба и способноста на возачите за безбедно управување со возилата, како и исполнувањето на останатите законски обврски во патниот транспорт.

Паралелно со овие активности, полициските службеници спроведуваат засилени контроли и на останатите учесници во сообраќајот, со акцент на непочитувањето на ограничувањата на брзината, управувањето возило под дејство на алкохол или психотропни супстанции, некористењето сигурносен појас, неправилниот превоз на патници и другите прекршоци што директно ја загрозуваат безбедноста на патиштата.

Министерството за внатрешни работи апелира до возачите, превозниците и сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да покажат високо ниво на одговорност при учеството во сообраќајот.

Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност, а почитувањето на правилата, исправноста на возилата и одговорното однесување се клучни за спречување на сообраќајните незгоди и заштита на човечките животи.

Министерството за внатрешни работи продолжува со континуирани превентивни активности и засилени сообраќајни контроли, во соработка со европските партнери, со цел унапредување на сообраќајната култура и создавање побезбедни патишта за сите граѓани.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk