Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека прашањето околу евроинтеграциите на Македонија и условувањата поврзани со Бугарија не може да се квалификува ниту исклучиво како билатерално прашање, ниту само како проблем меѓу Македонија и Европската Унија.
Во интервју, Сиљановска-Давкова се осврна на неодамнешната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и на можноста ЕУ да посредува во разговорите со Бугарија.
Во однос на пораките од Брисел за продолжување на разговорите со Софија, таа потсети дека претходно се поставувало прашањето дали спорот е билатерален или станува збор за прашање во рамки на односите со ЕУ.
– Кога ние велевме дека прашањето по природа е билатерално, бидејќи ниту во Акцискиот план, ниту претходно, нема забелешки од другите држави, никоја не се заканува со вето, напротив, се истакнува потребата од merit system во евалуацијата… Бугарија велеше дека прашањето не е билатерално, туку дека ние имаме работа со Европската Унија. Многупати сум велела дека ако е така, тогаш оставете нè да преговараме со Европската Унија – рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, во такви ситуации постојат механизми во европското право, вклучително и членот 7 од Договорот за Европската Унија, кој предвидува можност за ограничување на одредени права на земја-членка доколку се утврди сериозно прекршување на принципите и вредностите на Унијата.
Сепак, претседателката нагласи дека потребен е дијалог и размена на ставови, но оти не може да се оквалификува проблемот или процесот и како билатерален исклучиво, или како проблем што го имаме со Европската Унија.
Во однос на ставовите на европските претставници за преземените обврски, Сиљановска-Давкова се повика на европското уставно право и на основните документи на ЕУ.
– Јас не сум само претседателка, туку сум и професорка. Добро го познавам европското уставно право. И она на што деновиве се повикува (претседателката на Бугарија) г-ѓа Јотова, претседателката на Бугарија, кога вели дека ние мора да ги почитуваме принципите и вредностите на Европската Унија, се точно прашањата на кои и јас повикувам. Многу јасно пишува во Договорот за ЕУ, во Лисабонскиот договор, во Повелбата за фундаменталните права, дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет, не само на членките на ЕУ, туку на сите нации и држави – рече Сиљановска Давкова.
Таа додаде дека европските документи предвидуваат и почитување на уставните и политичките структури на државите.
Сиљановска-Давкова оцени дека токму овие принципи треба да бидат земени предвид и во процесот на евроинтеграција на земјава, особено кога станува збор за прашањата поврзани со националниот и културниот идентитет.
За барањето за уставни измени, претседателката рече дека не може да гарантира дека тие ќе бидат усвоени.
– Што велам јас кога ќе ме запрашаат дали ќе го смените Уставот? Јас не можам таква гаранција да дадам. Пратениците не ме претставуваат мене, ги претставуваат граѓаните и, како во секој европски парламент, гласаат по сопствено уверување – рече Сиљановска-Давкова.
Таа праша што ќе се случи доколку повторно бидат иницирани уставни измени, но пратениците не обезбедат двотретинско мнозинство, како и потребното мнозинство од пратениците од заедниците кои не се мнозинство.
КОЈ ТВРДИ ДЕКА НЕМА ЗАКАНА НЕКА ЈА ОТВОРИ ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА
Сите кои тврдат дека нема никаква закана, нека ја отворат преговарачката рамка, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, посочувајќи дека во неа е внесена издвоената изјава на Бугарија за македонскиот јазик и прашувајќи зошто воопшто се инсистирало на такво прашање ако Европската Унија смета дека нема проблем со јазикот и идентитетот.
Таа го отвори токму прашањето за содржината на преговарачката рамка кога беше прашана за односите со Бугарија и излезот од статус кво ситуацијата на македонскиот европски пат.
– Точно е дека ЕУ вели дека нема проблем со тој јазик, меѓутоа ако, спротивно на сите меѓународни норми во 21 век, од оние во Обединетите нации, влезе во една преговарачка рамка една ваква изјава, зошто да не се сомневам јас во заканата, затоа што зошто инаку би се инсистирало на вакво нешто? – рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека спорот не завршува само со прашањето за македонскиот јазик, туку навлегува и во други области што таа ги смета за идентитетски.
– Ако нема проблем, извинете, тогаш што е прашањето врзано со Бугарите? Зар не е тоа идентитетско прашање? Кој досега преговарал во ЕУ за идентитет? Што е историјата ако не е идентитет, еве да прашам? Што е културата ако не е идентитет? – праша Сиљановска-Давкова.
Таа зборуваше и за обидот во земјава да се изгради политички консензус за прашањата од национален интерес. Според неа, Македонија не треба да настапува надвор без претходно усогласена позиција меѓу политичките фактори дома.
– Точно е дека во секоја демократска држава има разлики, помали или поголеми, помеѓу власта и опозицијата, но, за жал, во некои држави, дури и кога не се на страната на вистината, тие во еден глас говорат кон надвор. Почнавме ние, ако се сеќавате, преку средби, да создаваме една атмосфера. Јас не знам колку пати сум рекла дека не се оди надвор без да се постигне консензус дома и без да има договор – говорам за прашања од национален интерес – рече претседателката.
На прашањето дали во тие разговори бил вклучен и предлогот за уставни измени со одложено дејство, Сиљановска-Давкова рече дека конкретно за такво решение не се разговарало. Намерата, според неа, била да се изгради унифицирана позиција со која земјава би настапувала надвор.
Но, како што рече, процесот за постигнување консензус бил прекинат откако претставници на опозицијата не се појавиле на средбите.
– Околу консензусот приказната се прекина среде. Зошто? Бидејќи лидерот тогаш на Социјалдемократскиот сојуз отиде во Брисел и по враќањето почна да зборува гласно дека не гледа никакви проблеми, дека нема никаква закана по идентитетот – рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката, сепак, гледа промена во односот на Европската Унија кон потребата од директен дијалог меѓу Скопје и Софија. Таа се повика на неодамнешниот јавен повик на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за продолжување на разговорите.
– Очигледно дека има промена кога отворено тоа е побарано од Европската Унија, преку претседателката на Европската комисија. Сите го чувме тоа. Да потсетам, и господинот претседател на Европскиот совет Антонио Кошта во Софија со слична дикција настапи, па дури и рече дека се потребни некакви гаранции – истакна Сиљановска-Давкова.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата