Уште од почетокот на декември во Скопје влезе во фаза на тестирање системот со камери „Безбеден Град“, кој ги детектира прекршоците во сообраќајот и граѓаните веднаш добиваат известувања за прекршоците и казните (кои ќе почнат да се применуваат од јануари 2026 година) преку СМС пораки и е-маил адреси.
Меѓутоа, овие известувања отворија голема дилема затоа што известувањата завршуваат и на погрешни броеви и е-маил адреси, поради што граѓаните почнаа да се плашат од можна злоупотреба на нивните лични податоци.
Во овие известувања фигурираат лични податоци како: Име, презиме, матичен број, број на лична карта, адреса, телефонски број и е-маил.
Некои граѓани се пожалија и до редакцијата на Порталб.мк за овие проблеми, а експертите пак предупредија за ризикот од злоупотреба на податоците.
На прашањето за овие нерегуларности, од Министерството за внатрешни работи за Порталб.мк истакнаа дека за овие проблеми, како и за некои други кои што се појавија во овој период на тестирање, министерството ги презема сите неопходни чекори за да ги отстрани.
„По завршувањето на периодот на тестирање, системот „Безбеден Град“ ќе биде ставен во редовна функција. Нагласуваме дека секогаш, кога такви системи се пуштаат во функција за време на тестниот период, е нормално да се појават различни грешки, без разлика дали се технички или предизвикани од човечки фактор при внесување на податоците во системот, кои веднаш се решаваат и се анализира причината за нивното појавување“, велат од МВР.
Од Министерството за внатрешни работи најавија дека наскоро се очекува да почне да функционира една мобилна апликација, која ќе биде достапна на Google Store, App Store, како и онлајн. Во оваа апликација граѓаните ќе имаат можност да проверат неколку компоненти поврзани со системот „Безбеден Град“, како е-маил адресата и телефонскиот број кои се оставени за нивното возило, како и историјатот на прекршоците извршени од нивна страна.
Во меѓувреме, на прашањето дали министерството собира биометриски податоци во реално време, што е активност со висок ризик според Актот за вештачка интелигенција на ЕУ, оттаму истакнаа дека „МВР не собира биометриски податоци во реално време“.
Во врска со системот „Безбеден Град“, група граѓани поднесоа обемна преставка до Уставниот суд на Република Северна Македонија, барајќи процена на уставноста и законитоста на таканаречениот систем „Безбеден Град“ имплементиран од Министерството за внатрешни работи (МВР). Паралелно со преставката, поднесени се кривични пријави во Основното јавно обвинителство и во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за моментално непознати службени лица
Според подносителите на преставката, новиот систем за санкционирање на сообраќајните прекршоци, кој предвидува испраќање на прекршочни налози преку СМС пораки кои содржат линк до ПДФ документ – е незаконски, технички небезбеден и неуставен. Тие тврдат дека моделот воведува низа сериозни прекршувања на основните човекови права, приватноста и начелото на еднаквост на граѓаните пред законот.
Од МВР за Порталб.мк истакнаа дека е уставно право на граѓаните да поднесуваат преставки до Уставниот суд, како и да поднесат кривична пријава доколку сметаат дека имаат потреба за тоа.
„Ставот на Министерството е дека ова е период на тестирање и ваквите грешки на системот се откриваат и се адресираат веднаш“, рекоа од МВР.
Камерите на „Безбеден Град“ инсталирани на раскрсниците во Скопје автоматски ги регистрираат сообраќајните прекршоци почнувајќи од 1 декември. Беше планирано казните да почнат да се применуваат од 1 јануари 2026 година, но ова се одложи за 1 февруари 2026 година.
Целта е до 2030 година да се намали и да се преполови бројот на сообраќајни несреќи.
Имплементацијата на проектот „Безбеден Град“, кој е во првата фаза, освен во Скопје ќе се изврши и во Тетово и Куманово.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата