Во Ново Лисиче започна изградбата на нов парк на површина од 71.000 квадратни метри, со што запуштениот простор во непосредна близина на Фудбалската федерација на Македонија и последната автобуска станица на линијата „5“ ќе биде претворен во голема зелена целина наменета за одмор, рекреација и дружење на граѓаните, стои во соопштението на Град Скопје.
Почетокот на изградбата бил означен денеска заедно со градоначалникот Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
-На просторот, кој со години беше оптоварен со дива депонија, ќе биде создаден современ парк со богато зеленило и содржини за сите генерации. Предвидено е да бидат засадени околу 1.000 дрвја, од кои повеќе од 800 листопадни, а останатите зимзелени - наведуваат од Град Скопје.
Паркот ќе располага со пристапни пешачки патеки, детски катчиња за игра и забава, како и простори за одмор и дружење, со што ќе создаде ново место за секојдневно поминување на слободното време на жителите на Ново Лисиче и граѓаните на Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата