Обвинителскиот тим кој постапува во предметот со пожарот во дискотеката „Пулс" во Кочани денеска достави негативно мислење и барање да се одбие предлогот за определување на гаранција, поднесен од обвинетиот Дејан Јованов од Кочани како неоснован.
Со предлогот, како што информираат од Обвинителство, се бараше од судот спрема обвинетиот да биде определена мерка гаранција во вкупен износ од 195.820 евра во денарска противвредност од 12.042.932 денари, а која гаранција се состои во ставање хипотека на недвижен имот.
- Меѓутоа, според обвинителството, при одлучувањето, Судот особено треба да го цени фактот дека изјавата со која се дава согласност понудениот имот да биде даден како гаранција обвинетиот Дејан Јованов ја дал иако бил свесен дека дел од понудениот недвижен имот е предмет на извршување, па ниту може да биде ставен под хипотека, уште помалку да биде впаричен – се вели во соопштението од Обвинителство.
Освен тоа, од Обвинителството посочуваат, дека понудените недвижности во голем дел се состојат од помошни простории, објекти, шупи, плевна, а кои претходно биле бесправни објекти и тој имот, при евентуална потреба, исклучително тешко ќе може да биде впаричен, а секако не во висина на износот на кој е проценет.
Едногодишниот притвор на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко во предметот за пожарот во „Пулс“, му истекува утре, што претставува законски максимум од денот на оценување на обвинението.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) вчера информираше дека е отворена истрага против Јованов, под сомнение за кривичното дело давање поткуп, а до Основниот кривичен суд Скопје е доставен и предлог за определување мерка притвор за кој Кривичен соопшти дека ќе одлучува денеска.
Според Обвинителството, Јованов е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност без да поднесе барање и иако знаел дека објектот не ги исполнува законски пропишаните услови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата