Кочанчанецот А.Л. (41), кој бил приведен откако во возило во кое се наоѓал била пронајдена бела прашкаста материја, успеал да избега од полициската станица во Кочани додека бил задржан за распит.
Според информациите од полицискиот билтен, на 9 јули 2026 година околу 23:55 часот, на влезот во селото Истибања, виничко, полициски службеници од ОВР Кочани, ОВР Делчево и Полициското одделение Македонска Каменица ги лишиле од слобода Ј.Ј. (25) и А.Л. (41), двајцата од Кочани.
При преглед на патничко возило „субару“ со кочански регистарски ознаки, управувано од Ј.Ј., а во кое се наоѓал и А.Л., била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека А.Л. следниот ден избегал од полициските простории.
„На 10 јули во 20:35 часот, во Полициската станица Кочани, лицето А.Л., кое претходно било задржано поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, од една просторија отворило прозорец и избегало“, соопштија од МВР.
Од таму додаваат дека се преземаат мерки и активности за негово пронаоѓање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата