Вкупно 606 прекршоци сторени од возачи на електрични тротинети се евидентирани во засилените сообраќајни контроли што Министерството за внатрешни работи ги спроведе во текот на август на целата територија на државата, при што најчести биле прекршоците за неносење рефлектирачки елек и непочитување на правилата за движење по велосипедски и пешачки патеки.
Според податоците на МВР, најголем број од санкциите, односно 162, биле изречени поради неносење рефлектирачки елек при управување електричен тротинет во ноќни услови. Дополнително, 134 санкции се однесуваат на некористење велосипедска или пешачка патека, 59 за некористење заштитен шлем, 45 за превезување две лица на тротинет и 20 за малолетници кои управувале електричен тротинет. Во рамки на контролите биле одземени и 18 електрични тротинети во времетраење од 30 дена.
Најголем број прекршоци биле евидентирани на подрачјето на СВР Битола, каде се регистрирани 236 случаи. Следуваат СВР Скопје со 97 прекршоци, СВР Струмица со 82, СВР Охрид со 57, СВР Тетово со 27, СВР Велес со 18, СВР Штип со 13 и СВР Куманово со седум прекршоци. Дополнително, Мобилната единица за безбедност во сообраќајот констатирала 69 прекршоци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата