За време на викендот полицијата регистрирала 1 026 сообраќајни прекршоци на територијата на државата, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде додаваат дека од слобода се лишени 34 лица поради безобѕирно управување воизило.
Сообраќајните прекршоци, според МВР, се регистрирани во рамките на редовните контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава.
Од вкупно издадени 1 026 платни налози, 316 прекршоци, се наведува во соопштението, се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Што се однесува до приведените возачи, девет завршиле во полициска станица за возење под дејство на алкохол, еден поради претходно изречена забрана за управување возило, додека најголем дел од нив, односно 24 биле лишени од слобода затоа што седнале зад волан без возачка дозвола.
Во текот на изминатите два дена (16/17 мај 2026 г.) биле одземени и 23 возила согласно членот 300-б од Кривичниот законик (КЗ).
Според статистичкиот преглед од полициските активности за контрола на сообраќајот на патиштата, за време на викендот биле евидентирани и 164 прекршоци за неправилно паркирање, како и 29 санкции за возење под дејство на алкохол.
Дополнително, санкционирани биле и 107 возачи на мотоцикли за неносење заштитна кацига, а прекршочни налози добиле и петмина пешаци.
„Исто така санкционирани се 99 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 15 возила биле отстранети од сообраќај поради тоа што биле нерегистрирани, а четири заради техничка неисправност. Санкционирани се и двајца возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии)“, се вели во соопштението од МВР.
Од Министерството наведуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови и во таа насока апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи заради зголемување на безбедноста на патиштата во државата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата