Во Охрид се отвора Летната школа за македонски јазик со 135 учесници од 17 земји

Vecer | 20.08.2026

Во Охрид се отвора Летната школа за македонски јазик со 135 учесници од 17 земји
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ‒ Скопје ќе биде отворена денеска во Конгресниот центар во Охрид.

На отворањето, како што е најавено, ќе се обратат министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.

На оваа летна школа ќе учествуваат 60 македонисти, слависти, балканолози, филолози, културолози и преведувачи од 17 земји од: Албанија, Аргентина, Бугарија, Италија, Јапонија, Канада, Народна Република Кина, Полска, Руска Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција и Хрватска.

По одржувањето на летната школа, ќе се одржи 53. Меѓународна научна конференција, на која ќе учествуваат 75 научни истражувачи од земјава и од странство. Вкупно 135 македонисти – студенти, предавачи и научни истражувачи ќе го изучуваат македонскиот јазик и ќе ги проучуваат македонската литература и култура.

Програмата на Летната школа содржи: лекторски вежби, предавања, интерактивна настава, амбиентална настава во стариот град, курс по македонски народни ора, преведувачка работилница, културно-уметничка програма, промоции и научна екскурзија во стариот град.

На свеченото отворање ректорката Биљана Ангелова ќе ги додели наградите за македонистика. Годинава, добитник на најголемата награда за македонистика „Воздејства“ е проф. д-р Кристина Крамер, врвен македонист од Канада, а добитници на благодарници „Синергии“ се министерката Јаневска и Државна лотарија.

Исто така, во рамките на севкупната програма ќе бидат промовирани најнови шест зборници: „Зборник-Предавања на 58. Летна школа“, „Зборник на 52. Меѓународна научна конференција“, три зборници од преведувачката работилница, приредени од проф. д-р Кристина Николовска: „„Гане Тодоровски – на недорек јазици“, „Петре Андреевски – на река од јазици“ и „Анте Поповски – на океан од јазици“ и „Излишно писмо до Бога / Zbyteczny list do Boga“, препеви на полски јазик од проф. д-р Маќеј Кавка.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во изминатите три години бележи подем на меѓународната македонистика, при што, со поддршка на Министерството за образование и наука и Министерството за финансии, УКИМ отвори три лекторати по македонски јазик: во Тирана (Албанија), Нитра (Словачка) и го возобнови најстариот лекторат во Неапол (Италија), со што бројката на лекторати се зголеми на 12.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk