Пациентите со трансплантирани органи од утре, 26 август 2026 година, ќе можат да го подигнуваат лекот Myfortic (mycophenolic acid) од 180 mg и 360 mg без доплата од договорните аптеки на Фондот за здравствено осигурување.
Она што Фондот го најави како решение за заштита на оваа специфична категорија пациенти, сега е целосно реализирано. Завршени се сите потребни постапки, Управниот одбор ја даде потребната согласност, направени се измените во Шифрарникот на лекови, а договорните аптеки се известени за новиот начин на издавање.
Со тоа, од утре пациентите повеќе нема да доплаќаат 615 денари за Myfortic од 180 mg и 1.439 денари за Myfortic од 360 mg.
Станува збор за терапија од особено значење за пациентите со трансплантирани органи, која се користи долгорочно и за која континуираната достапност е од исклучителна важност.Фондот реагираше откако беше известен дека алтернативните лекови без доплата во моментот не се достапни на домашниот пазар поради производно-технички причини. Наместо финансискиот товар од таквата состојба да падне врз пациентите, беше обезбедено решение со кое достапниот оригинаторен лек Myfortic се обезбедува без доплата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата