Апелациониот суд во Скопје ја укина ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, и предметот го врати на повторно судење. Истовремено, судот ги потврди доживотните затворски казни за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, осудени за грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Одлуката е донесена по одржана јавна седница на 11 мај и разгледување на сите списи поврзани со предметот, велат од Апелација. Денеска е објавена на судскиот портал во форма на соопштение.
„Со оглед на обемот на доказниот материјал и сложеноста на предметот, по кој од приемот во судот до донесување на одлуката, активно се постапува и се преземаат неопходните законски определени дејствија, во тек е писмената изработка на одлуката. Јавноста дополнително ќе биде известена за објава на одлуката на Апелациониот суд Скопје по конкретниот предмет која ќе биде достапна во целост на веб страната на судот, согласно Законот за судовите и Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, велат од Судот.
Лани во јуни, четворицата обвинети Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев добија доживотни казни, откако Основниот кривичен суд ги огласи за виновни за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Секој од четворицата обвинети доби и по десет години затвор за кривичното дело грабнување на Вања Ѓорчевска, додека според судот, Обвинителството не успеало да го докаже грабнувањето на Панче Жежовски.
Тогаш, Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој беше обвинет за помагање, Судот го ослободи од обвинение.
„Судот не докажа надвор од разумно сомнение дека ги сторил далата за кои се товари”, кажа судијата Ивица Стефановски.
Обвинителството се жалеше на ослободителната пресуда што Кривичен ја изрече за таткото на Вања, барајќи и тој да биде осуден за случајот што во декември 2023 година ја шокира македонската јавност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата