На средбите се разговара за актуелните економски и политички прашања, реализацијата на инфраструктурните проекти, Планот за раст, како и за процесот на интеграција и проширување на Европската Унија.
„Овие два дена сум во посета на Брисел, на средби со претставници на Европската комисија, каде што ќе разговараме за актуелните економски и инфраструктурни политики во државата, како и за процесот на интеграција и проширување на Европската Унија и, секако, за Планот за раст, каде што Македонија бележи огромни резултати и каде што Македонија е лидер во регионот, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

„Она што е особено значајно и на што сум особено горд е дека, на покана на „Пријатели на Европа“, ќе бидам дел од главната сесија, на која ќе учествуваат околу 200 лидери од Европа. Тука се пет комесари, претставници на Европската комисија, повеќе од 20 европратеници, премиери на држави, вицепремиери, министри, претставници на бизнис-секторот, каде што ќе зборуваме за иднината на Европа и за тоа што ја определува иднината на Европа, Европската Унија и поширокиот европски континент“ изјави Николоски.
На програмата на Европската комисија за денеска е наведен Николоски како говорник, заедно со потпретседателот на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот.
„Утре, исто така, ќе бидам дел од транспортниот самит, каде што заедно со потпретседателот на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот, банка која инвестира многу во Македонија, ќе зборуваме за големите инфраструктурни проекти што ги има Македонија. Од Европската Унија добивме 150 милиони евра грант за изградба на железницата на Коридорот 8 кон Бугарија, а проектот е поддржан и со заеми од ЕИБ и ЕБОР“рече Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата