ЗЕЛЕНА ОФАНЗИВА НА ШАР ПЛАНИНА: 30.000 нови дрвја и тригодишна грижа за обнова на шумите

Vecer | 12.11.2026

ЗЕЛЕНА ОФАНЗИВА НА ШАР ПЛАНИНА: 30.000 нови дрвја и тригодишна грижа за обнова на шумите
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Националниот парк Шар Планина информира дека во тек се активности за пошумување на 12 хектари на Шар Планина со нови 30.000 садници. Предвидено е пошумување на шест хектари во околината на Ѓермо, како и околу Сетоле каде садниците ќе бидат распоредени на две површини од по три хектари.

– Имавме посета од нашите партнери од Холандија, со кои заеднички ги посетивме површините на кои во моментов се одвиваат активностите за пошумување, како и дел од локациите пошумени минатата година, за да ја проследиме состојбата и развојот на младите насади. Оваа есен продолжуваме со обновување на шумите на Шар Планина, преку соработка со Пјур промис (Pure Promise), со која е обезбедена донација за подигнување и одгледување на насадот во период од три години – информираат од НП Шар Планина преку Фејсбук.

За пошумувањето се предвидени автохтони видови дрвја, меѓу кои ела, смрча, бел бор, бука и јавор, со избор и распоредување според природните услови на теренот.

– Особено важно е што соработката не завршува со садењето. Во наредните две години е предвидена редовна нега, следење на здравствената состојба на садниците и дополнување таму каде што ќе биде потребно. Посетата беше можност и за заеднички увид во резултатите од минатогодишното пошумување, размена на искуства и разговор за понатамошните активности за обновување на шумските екосистеми. За нас, пошумувањето не значи само засадување нови дрвја. Тоа е долгорочен процес на обновување на оштетените шумски површини, враќање на природната вегетација и создавање услови за развој на здрави и отпорни шуми – велат од Националниот парк Шар Планина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk