Во Собранието се доставени предлог-измени на Законот за студентски стандард со кои се заоструваат условите за сместување во државните студентски домови и се утврдува горна старосна граница од 30 години за добивање и користење на место во дом.
Предлог-измените предвидуваат изрекување воспитни мерки и забрани за престој при прекршување на домскиот ред, како што се пушење во собите, внесување и употреба на алкохол, оштетување инвентар, пуштање гласна музика или неодржување на хигиената во просториите.
За потешки повреди може да се изрече забрана за користење на услугите на студентските домови на целата територија на државата во траење од една до пет години. Такви повреди се, меѓу другото, внесување и употреба на алкохол во собите, отстапување на соба на друго лице со остварување материјална корист и нередовно плаќање станарина.
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска денеска на прес конференција ги образложи поважните измени.
– Ја ограничуваме возраста на студентите до кога можат да бидат сместени во студентски домови. Детектиравме студенти кои со години се сместуваат во домовите, законски наоѓаат начини и ги користат услугите за 3.400 денари да живеат во месецот со сите покриени трошоци за храна, вода, струја и така натаму. Отсега максимална старосна граница на студент кој аплицира за сместување во дом ќе биде 30 години, односно 30 годишна возраст – рече Јаневска.
Со втората измена се воведува казнена одредба – забрана од 1 до 5 години за сместување во студентски домови за студенти кои ќе сторат потешка повреда на куќниот ред, ќе направат штета на инвентарот, ќе бидат фатени со алкохол или други супстанци, или доколку се констатира навредливо, заканувачко, агресивно или насилничко однесување, физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација или друго недолично постапување со кое се загрозува безбедноста, здравјето, интегритетот и достоинството на студентите и вработените во домот или се нарушува непреченото функционирање на домот.
– Во домовите имаме крупни инвестиции во моментов. Два се во процес на темелна реконструкција која ќе заврши до октомври. Објектите на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ стануваат модерни и енергетски ефикасни. Навистина ќе бидат прекрасни и јас очекувам младите да ги чуваат, за да можат што повеќе генерации да ги користат. Воедно, мора да ја подигнеме и безбедноста во домовите. Тоа е основното – додаде министеката.
Таа потсети дека со финансиска рамка од 86 милиони евра – пари од ЕУ, МОН и Германска развојна банка ќе бидат обновени 9 државни студентски домови и 7 ресурсни центри.
– Во текот на мандатот на Владата, градежните активности ќе бидат целосно завршени и заедно со повеќе други активности кои ги правиме во делот на студентскиот стандард – воведување нови стипендии, проширување на субвенционираниот оброк, доделување ваучери и така натаму, ќе се обидеме да ги задржиме новите генерации да се едуцираат и да работат тука. Да не дозволиме натамошно иселување, како што имавме во претходните 7 години кога бројот на студенти е намален за 7 илјади, а на учениците за 17 илјади – истакна Јаневска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата