Судија на претходна постапка го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Куманово и ѝ одреди мерка притвор на 41-годишната жителка на Кратово. Обвинителството побара задржување зад решетки поради опасност од бегство, но и поради нејзината јасна тенденција непречено да продолжи со вршење кривични дела.
Иако локалитетот „Куклица“ со указ е прогласен за споменик на природата, осомничената подолг период насилно го узурпираше просторот, незаконски им наплаќаше влезници на посетителите, се расправаше и им се закануваше, со што постојано го нарушуваше јавниот ред и мир.

Капката која ја прели чашата беше последниот инцидент при кој таа физички ги нападнала и спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат.
Од Обвинителството посочуваат дека против неа веќе се води постапка за продолжено кривично дело узурпација, а претходно ѝ биле изречени и мерки на претпазливост со кои строго ѝ се забрануваше да го посетува локалитетот. Сепак, таа одбегнувала да ги прими и почитува судските решенија. Дополнително, осомничената заедно со својот сопруг и претходно насиллно спречувала пазарни инспектори во вршење на нивната службена должност.
-При последниот инцидент осомничената презела и дејствија на кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска став 2 и 1 од Кривичниот законик, односно физички ги нападнала и спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат.
Јавниот обвинител го имаше предвид и фактот дека против ова лице веќе е во тек постапка за продолжено кривично дело узурпација на локалитетот „Куклица“, во која и се изречени мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана да ја посетува локацијата, меѓутоа таа одбегнува да го прими и почитува решението. Исто така, осомничената заедно со нејзиниот сопруг и претходно учествувала во дејствија на спречување службено лице во вршење службено дејствие кон пазарни инспектори, соопшти Обвинителството.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата