ВМРО-ДПМНЕ бара Јавното обвинителство да отвори предмет и да го испита постапувањето на Венко Филипче во периодот кога бил министер за здравство, во врска со анализите за квалитетот на водата. Од партијата тврдат дека документите и информациите доставени од свиркачи покажуваат оти биле направени околу 400 анализи, при што дел од резултатите укажувале дека водата не била исправна за пиење, вклучително и во Гостивар.
„Токму затоа, се поставува прашањето дали и зошто надлежните институции, предводени од тогашната власт на СДС, не презеле соодветни мерки.
Граѓаните имаат право да знаат зошто не биле навремено информирани доколку водата не била безбедна, зошто проблемот со години не бил решаван и дали Филипче бил запознаен со извештаите, а сепак не постапил.
Затоа бараме Јавното обвинителство да ги провери сите анализи и документи, да утврди кој знаел и кој не постапувал и, доколку постои одговорност, таа да биде санкционирана.
Никој не смее да биде заштитен поради политичка припадност или функција.
Граѓаните заслужуваат одговори, одговорност, вистина и правда“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата