На 14. пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир што се одржува во Скопје, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, порача дека претстојното усвојување на Скопската декларација потврдува дека иднината на државите не може да се гради врз поделби. Тој истакна дека Македонија е силен пример за соживот, каде различните етнички, верски и културни идентитети не се товар, туку најголемо богатство на општеството.
- Нашата земја добро ја разбира вредноста на соживотот. Ние не зборуваме за различностите како некој теоретски концепт, ние ја живееме различноста. На овој простор со векови заедно живеат разни етнички, верски, културни и историски идентитети. Тие не се товар на нашето општество, тие се неговото најголемо богатство, истакна Муцунски.
Осврнувајќи се на суштината на градењето стабилни општества, министерот ја упати следнава порака:
„Мирот бара храброст, толеранцијата бара лидерство и демократијата од секој од нас бара да избереме одговорност пред поделба, достоинство пред омраза и соработка пред конфронтација“, рече Муцунски.
Според него, во периодот што следува сите ќе се соочиме со заеднички предизвици како да се зајакнат демократските институции, како да се спротивставиме на дезинформациите, како да спречиме радикализација и како да креираме политики што ќе им дадат надеж и перспектива на младите генерации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата