Премиерот Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница за пратенички прашања ги отфрли обвинувањата на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, за наводни врски меѓу актуелната власт во Македонија и политичките случувања во Србија, оценувајќи дека станува збор за лаги и политички конструкции. Осврнувајќи се на претходните обвинувања на опозицијата за неговите односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Мицкоски рече дека по шест месеци, наместо најавуваните скандали, потврда за соодветното користење на средствата е денешниот извештај на Државниот завод за ревизија за унгарскиот кредит.
Тој потсети дека, како што рече, СДСМ и пред шест месеци упатувал слични обвинувања за неговите односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
- Истото го зборувавте и за Орбан пред шест месеци, истите прес-конференции од А до Ш. Споредете ги и во овие шест месеци, и тогаш велевте дека ќе се откриеле криминалите на Мицко со Орбан, не знам што сè се случуваше и така натаму. Но, еве, поминаа шест месеци, се откри една работа - дека сме зеле добар финансиски кредит од страна на Унгарија. Кредит што го употребивме соодветно, а доказ за тоа дали сме го употребиле соодветно е денешниот извештај од Државниот завод за ревизија. Значи, во овие шест месеци нема ни „к“ од криминал, туку потврда дека оваа Влада за оваа држава направила добро дело - нагласи премиерот.
Мицкоски посочи дека средствата од унгарскиот кредит биле наменети за поддршка на македонската економија, за враќање еврообврзница издадена од претходната влада и за поддршка на домашното стопанство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата