Отпушок од цигара е причина за пожарот што денеска избувна на Одделот за ортопедија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, потврди директорот на установата, д-р Синиша Стојаноски. Откако од прозорците на болницата почнал да излегува чад, веднаш била спроведена брза евакуација на пациентите и медицинскиот персонал, а на терен била повикана и Противпожарната бригада.
Директорот Стојаноски уверува дека ситуацијата е под целосна контрола и дека нема никаква опасност за здравјето на пациентите и вработените, нагласувајќи дека инцидентот е резултат на неодговорно однесување. Во моментов надлежните служби работат на утврдување на фактичката состојба, додека засега не се соопштуваат дополнителни детали за точната локација каде настанал огнот во рамките на одделот, ниту за евентуалната материјална штета.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата