СВР Битола поднесе кривични пријави против четири лица и едно правно лице од прилепско, поради сомнение за повеќе кривични дела поврзани со незаконска продажба и прикривање на отпадно железо од АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп.
Пријавен е Љ.Б. (59) од Прилеп за „проневера во службата“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“. К.С. (60) е пријавен за „несовесно работење во службата“, додека Ј.Д. (41) се товари за „прикривање“ и „фалсификување службена исправа“. Кривична пријава е поднесена и против правно лице од село Мало Коњари, прилепско, за „прикривање“.
Според МВР, Љ.Б. во текот на 2021 и 2022 година бил координатор на група за обезбедување во АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп, додека К.С. во истиот период бил генерален извршен директор. Ј.Д. бил сопственик и управител на фирмата од Мало Коњари, која имала склучено договор со комбинатот за откуп на отпадни материјали.
Во февруари 2022 година, според пријавата, Љ.Б., со помош на Ј.Д., прикрил најмалку 185.000 килограми отпадно железо од Работната единица „Заводи – Мажучиште“, кое не било евидентирано како приход на комбинатот.
Наместо отпадот да биде продаден и средствата да завршат на сметката на АД „Тутунски комбинат“, фирмата од Мало Коњари, како што се сомнева полицијата, изготвила фиктивни откупни белешки. Отпадното железо било прикажано како да е предадено од осум физички лица, блиски на првопријавениот.
Парите од продажбата биле префрлани на сметки на седум физички лица, како и на личната сметка на Љ.Б. По подигнувањето на средствата во готовина, тие му ги предавале парите на првопријавениот.
На овој начин, на сметките на физичките лица биле префрлени вкупно 3.338.328 денари, со што, според МВР, АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп било оштетено за истиот износ.
Од друга страна, на сметката на Тутунскиот комбинат по основ на продажбата на отпадното железо биле уплатени вкупно 1.274.560 денари од фирмата од Мало Коњари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата